Руската софтверска компанија „Про32“ покани седумгодишен програмер да му се придружи на нејзиниот менаџерски тим штом ќе биде доволно возрасен за да започне со платена работа, пишува британски Би-си-си.
Сергеј од Санкт Петербург го изгради своето име на петгодишна возраст со објавување видеа во кои објаснува како се програмира софтвер. Врз основа на тие снимки, компанијата за информациска безбедност „Про32“ му испратила понуда за работа како менаџер за корпоративна обука.
Според рускиот закон, Сергеј не може да се занимава со платена работа до својата 14-та година. Сепак, извршниот директор на „Про32“, Игор Мандик, изјави за Би-би-си дека во меѓувреме разговарал со родителите на Сергеј за изнаоѓање начини за соработка.
Неговиот татко Кирил се изненадил и рекол дека сите во семејството се среќни и дека едвај чекаат Сергеј да влезе во друштвото. Во објавените видеа, Сергеј чекор по чекор поминува низ предизвиците за кодирање на руски, а понекогаш и на малку лош англиски јазик.
Неговиот канал на Јутјуб има повеќе од 3.500 претплатници заинтересирани за учење на програмските јазици „Python“ и „Unity“ или оние кои сакаат да слушнат повеќе за невронските мрежи, кои се основа на многу алатки за вештачка интелигенција.
Мандик рекол дека Сергеј покажал извонредни развојни и уникатни наставни вештини.
„За мене тој е еден вид Моцарт. Апсолутно сум сигурен дека додека да наполни 14 години ќе биде гуру за настава и развој. Мора да почекаме седум години, по што ќе почнеме да зборуваме за неговата плата“, изјави Мандик за „чудото од дете“.