Шефот на мировните сили на ОН, Жан-Пјер Лакроа денеска изјави дека УНИФИЛ (Привремените сили на ОН во Либан) ќе остане на сите свои позиции во јужниот дел на таа земја и покрај интензивните борби меѓу израелската армија и екстремистите на либанскиот Хезболах.
УНИФИЛ продолжи да ја следи ескалацијата на конфликтот меѓу Израел и Хезболах преку границата позната како Сина линија и покрај израелските повици мировниците да се повлечат пет километри од неа.
Силите на ОН во Либан го обвинија Израел за намерно уништување на опремата за надзор и дека во борбите се повредени 13 мировници.
Лакроа денеска посети некои од ранетите во Либан.
Тој рече дека силите на УНИФИЛ ќе продолжат да бидат распоредени на сите позиции и оти смета дека е многу важно да се зачува нивното присуство.
Шефот на мировните сили на ОН додаде дека доколку УНИФИЛ си замине, некои од завојуваните страни ќе ги преземат тие позиции.