„The Economic Times“, „Yahoo“, „Marie Claire“ се само дел од светските медиуми кои пишуваа дека Александар Огилви е најубавиот член на британското кралско семејство.
Александар, внукот на принцезата Александра од Кент, братучетката на кралицата Елизабета, се запишал во военото училиште каде некогаш учеле и принцовите Хари и Вилијам. Тоа беше доволна причина медиумите да го претстават Александар во јавноста, со оглед на тоа дека многумина веројатно никогаш не ни слушнале за него.
Александар има 27 години и моментално е дел од 44-неделниот курс на Кралската воена академија Сендхерст, каде што низ годините многумина членови на кралското семејство дипломирале. Покрај принцот Хари и принцот Вилијам, кои дипломираа на Сендхерст во 2006 година, и војводата од Кент се образовал на британската воена академија.
Огилви дипломирал на Универзитетот Браун и бил во врска со внуката на Роберт Ф. Кенеди, Михаела Кенеди-Куомо. Додека пред две години Александар го поврзуваа и со англиската манекенка и еколошка активистка Изабела Шарлот Попиус.
Александар има постара сестра, Флора Вестерберг, која работи како историчар на уметноста. Во септември таа на Инстаграм ја сподели информацијата дека нејзиниот брат се запишал на воената академија. „Секогаш ти се восхитуваме“, напиша таа. Инаку, Александар не користи социјални мрежи, но неговата сестра понекогаш објавува нивни заеднички фотографии.
Пред да се запише на воената академија, тој работеше како менаџер на производството во њујоршката технолошка компанија „Prove“. Инаку Александар моментално е 59-ти во редот за тронот, и не сака да се експонира, а повремено се појавува на кралските настани.