Лукашенко: Трамп не размислува само за својата иднина, туку и за иднината на своите деца

Макфакс

07/11/2024

14:22

266

Големина на фонт

а а а

Белорускиот претседател Александар Лукашенко денеска изјави дека се надева оти со победата на републиканскиот кандидат Доналд Трамп на претседателските избори во САД нешто ќе се промени бидејќи тој „се бори за иднината на своите деца“.

Лукашенко оцени дека кога на власт се луѓе без искуство, тоа е една работа, а „кога луѓето немаат деца, тоа е катастрофа“, пренесува „РИА новости“.

„Трамп има големо семејство, деца. Трамп ја има нашата Меланија, која цврсто го држи в раце. Тоа што има семејство и деца е голема работа. Тој не размислува само за својата иднина, туку и за иднината на своите деца“, рече Лукашенко.

Трамп, освојувајќи го вториот мандат на изборите во вторникот, стана првиот американски претседател од 19 век што се вратил во Белата куќа по четиригодишна пауза, пишува медиумот.

Републиканецот Трамп ја победи демократката Камала Харис освојувајќи ги потребните 270 електорски гласа.

Според најновите проекции на АП, Трамп освоил 295 електорски гласа, а Камала Харис 226.

Харис беше критикувана од републиканците за време на изборната кампања бидејќи нема биолошки деца.

Одговарајќи на овие наводи, таа рече дека „ова веќе не се педесеттите години од минатиот век“.

Таа исто така ги нарече лоши и злонамерни коментарите на републиканскиот потпретседателски кандидат Џеј ди Венс за „дамите без деца што чуваат мачки“.



Спонзорирани линкови

Маркетинг