Шолц најави дека на 15 јануари ќе побара гласање за доверба во владата во Бундестагот и додаде дека новите избори би можеле да се одржат најдоцна кон крајот на март 2025 година.
Слободната демократска партија на Германија (ФДП) ќе ги повлече сите свои министри од федералната влада, објави вечерва шефот на пратеничката група на партијата, Кристијан Дир.
Со тоа, како што наведуваат германските медиуми, ФДП официјално ја напушта т.н. семафорска коалиција.
Тензиите во германската влада кулминираа оваа среда, кога канцеларот Олаф Шолц го разреши министерот за финансии од ФДП, Кристијан Линднер.
Како причина за отстранувањето, Шолц го наведе своето незадоволство од работата на Линднер, оценувајќи дека тој работел повеќе за своите клиенти и партијата отколку за јавниот интерес.
Лидерите на владејачките партии – СПД, Зелените и ФДП – разговараа за излез од кризата, која ја загрозува стабилноста на владата. Тие истакнаа дека е неопходно да се пополни буџетскиот дефицит за 2025 година, кој изнесува милијарди евра, со цел да се стабилизира сериозно погодената германска економија.
Министрите на ФДП во владата се: Кристијан Линднер, министер за финансии, Марко Бушман, министер за правда, Фолкер Висинг, министер за транспорт и Бетина Старк-Вацингер, министерка за образование.