Принцот Вилијам се најде во епицентарот на скандалот откако британските медиуми јавно ги открија условите во кои живеат станарите во објектите на Војводството Корнвол, кои ги издава престолонаследникот. Поради фотографиите кои го шокираа светот, принцот беше опишан како лицемерен монарх кој не води сметка за луѓето на кои им изнајмува сместување, додека тврди дека се бори против бездомништвото.
Војводството Корнвол во последната финансиска година оствари профит од 23,6 милиони фунти. Се претпоставува дека принцот Вилијам плаќа данок на целокупниот износ, иако во годишните извештаи објавени во јули не е наведена точната цифра. Истрагата која ја спроведе „Channel 4 Dispatches“ откри дека секоја седма од вкупно 600 станбени простори, кои ги изнајмува војводството, има ниска оценка за енергетска ефикасност, пишува „GB News“.
Овие информации дополнително ги потенцираа предизвиците со кои се соочуваат луѓето кои живеат под кирија, особено поради високите трошоци за греење и одржување во неефикасни згради. Во последно време британските медиуми се свртеа против принцот од Велс и кралот Чарлс, а сега беа објавени и фотографии од внатрешноста на објектите кои ги изнајмува Вилијам, а во коишто нема услови за особено пристоен живот.
Целата приказна експлодираше во јавноста откако беше објавен документарниот филм на принцот Вилијам во кој тој зборува за бездомниците и кој е дел од неговата борба луѓето да се тргнат од улица, како и неговата цел да им обезбеди пристојно домување и услови за живот.
Британски „Mirror“ затоа, под превезот на „лицемерието“ на престолонаследникот, објави дека енергетските сертификати (ЕПЦ), кои во Обединетото Кралство станаа задолжителни во 2008 година за секој станбен имот што се продава или изнајмува, се многу ниски во становите во сопственост на принцот од Велс, кои тој им ги изнајмува на Британците.
Инаку, највисоката оценка е „А“, додека најниската е „Г“ – која е најмалку ефикасна и најскапа за загревање.
Од 2020 година, во Обединетото Кралство, забрането е да се изнајмуваат станови со „ЕПЦ“ оценка пониска од „E“ – освен во специфични услови. И покрај овие стандарди, Војводството Корнвол ги користи дупките во прописите, така што голем дел од имотот на принцот Вилијам, со вредност од околу 1,3 милијарди фунти, не е во согласност со модерните енергетски стандарди.
Оваа ситуација принудува многу негови станари, кои во најголем дел се постари лица и лица со ниски примања, да живеат во „супстандардни“ услови со години, пишува „Mirror“.
Според „Minimum Energy Efficiency Standards“ (MEES), објектите со оцена пониска од „Е“ ги прекршуваат прописите, освен ако имаат посебно одобрено ослободување. На пример, ослободувањата можат да се добијат доколку трошоците за реновирање надминуваат 3.500 фунти, доколку сите можни градежни работи се веќе извршени или доколку закупецот не се согласува со реновирањата. Според истражувањето, Војводството Корнвол поднело десет барања за ослободување, од кои во четири аргументот бил дека трошоците за реновирање ќе го надминат дозволениот лимит.
Покрај тоа, постојат дополнителни дупки во прописите кои војводството може да ги искористи. На пример, ако закупецот живее во имотот од пред 2008 година, сопственикот не е должен да добие „ЕПЦ“ сертификат. Дополнително, „ЕПЦ“ сертификатите важат десет години, што значи дека за станарите кои склучиле договор во 2008 и 2009 година, сертификатите станале неважечки до моментот кога новите „МЕЕS“ правила стапиле на сила во 2020 година. Така, војводството може законски да изнајмува станови со оценки „F“ и „G“.
Многу војводства изнајмуваат куќи на земјоделски станари и сметаат дека за нив не важат прописите на „МЕЕS“, со оглед на тоа што овие објекти се дел од земјоделскиот имот. Пронајдени се дваесетина такви куќи со оцена „F“ или „G“. Некои адвокати сметаат дека овие куќи не мораат да имаат „ЕПЦ“ оценка – „Е“ или повисока бидејќи не се третираат како станбени имоти.
„Војводството Корнвол е приватен имот со комерцијална намена, коешто го одржуваме со истовремена посветеност врз зачувувањето на природната средина и создавање позитивно општествено влијание врз нашата заедница. Принцот Вилијам стана војвода од Корнвол во септември 2022 година и оттогаш се посвети на опсежна трансформација на војводството. Оваа трансформација вклучува значителни инвестиции со цел имотот да стаса до нулта емисии до крајот на 2032 година, како и воспоставување насочени програми за ментално здравје на нашите станари и соработка со локални партнери за да помогнеме во справувањето со бездомништвото во Корнвол“, рече портпаролот на Војводството Корнвол.
Овие иницијативи ја потенцираат посветеноста на принцот Вилијам не само врз зачувувањето на имотот, туку и врз подобрувањето на условите за живот на неговите станари како и придонес кон локалната заедница.