Граѓаните на САД, по денешните избори ќе го добијат својот нов претседател, Доналд Трамп или Камала Харис. Познатите личности во САД со нивната популарност и отворена поддршка за еден од двајцата кандидати се обидоа да ги привлечат гласачите да гласаат за нивниот фаворит, додека една од ѕвездите, кој ја поддржа Харис беше Рики Мартин, кој дури и ѝ се придружи на митингот во Филаделфија. По тој повод тој таму се појави со синовите, а токму тие двајца го привлекоа најголемо внимание, бидејќи јавноста нема можност многу често да ги види на медиумски проследени настани.
Рики Мартин улогата на татко на четири деца ја смета за најважна и најсложена улога во неговиот живот. Тој долго време зборуваше за неговата желба да основа големо семејство и за тоа како светот отсекогаш не го поддржувал поради неговата сексуална ориентација. Меѓутоа, со помош на сурогат мајка, тој го постигна она за што отсекогаш мечтаел.
„Многу долго сонував за тоа да станам татко, а честопати поминував низ тежок процес на прифаќање: „Јас сум геј, живеам во тајност, и веројатно никогаш нема да можам да бидам татко“, изјави Мартин за списанието „Out“.
Меѓутоа, кога се одлучи да ги потврди сомнежите за неговата сексуална ориентација и да признае дека е хомосексуалец, Мартин одлучи да живее слободно и без оптоварувања, додека подоцна се посвети на создавањето на семејството, со помош на достапни и легални методи. Својот семеен живот го започна како самохран татко кога во 2008 година, преку сурогат мајка, се родија неговите близнаци Матео и Валентино, кои денес имаат 16 години.
Во 2017 година, Мартин се ожени со артистот Јван Јозеф, а пејачот раскажа дека по венчавката, децата почнале да го прашуваат зошто тие имаат двајца татковци.
„Им објаснив дека тие се дел од модерно семејство. Тоа е прекрасно чувство на слобода“, изјави Мартин.
Неколку години по венчавката парот доби уште две деца – ќерката Лусија и синот Рен, кои исто така беа родени по пат на сурогат мајка, а денес имаат пет години.
Во јули 2023 година, Мартин и Јозеф објавија дека се разведуваат, и потенцираа дека децата ќе останат нивен приоритет.
„Нашата најголема желба е да продолжиме да ја негуваме здравата, семејна динамика и однос втемелен врз мирот и пријателството, за да продолжиме заеднички да ги воспитуваме нашите деца“, изјавија двајцата во заедничко соопштение.
Матео е првиот од двајцата близнаци, роден на 9 август 2008 година, по пат на сурогат мајка. Неговото име, кое значи „дар од Бога“ и има посебно значење за неговиот татко. Рики Мартин го опиша Матео како многу активно и љубопитно дете „уште откога бил бебе“. Во интервју за „Extra“, пејачот потенцираше дека ќе ги поддржи Матео и Валентино доколку одлучат да станат дел од шоубизнисот.
„Кога имав 12 години, му кажав на татко ми дека сакам да станам артист и тој ме поддржа. Затоа и јас морам истото да го направам за нив“, изјави Мартин.
Дури кога наполниле пет или шест години, близнаците сфатиле кој е всушност нивниот татко во светот на музичката индустрија и колку е познат – и тоа откако им дозволил да бидат дел од публиката и да ги гледаат неговите настапи.
Братот на Матео, Валентино е роден само неколку минути по него, а неговото име значи „храбар“. Татко му го опишува како мирно и опуштено момче, а како и повеќето тинејџери Валентино се интересира за креирање на видео – содржини, и сонува за тоа еден ден да стане успешен јутјубер.
Матео и Валентино станаа постари браќа кога кон нивното семејство се приклучија Лусија и Рен, а Рики Мартин откри дека неговите близнаци се „прекрасни дадилки“ и вистински заштитници на помладиот брат и сестрата.
Единствената ќерка на Мартин, Лусија Мартин-Јозеф, е родена на 24 декември 2018 година исто така преку сурогат мајка, и тоа на истиот датум кога е роден и Рики Мартин.
Мартин и неговиот сопруг, веста за раѓањето на ќерката ја споделија на Инстаграм за време на нивната прослава во 2019 година, опишувајќи ја како „најубавиот подарок во животот“. По седум месеци, пејачот за прв пат сподели фотографија од Лусија со натпис: „Светлината на моите очи“.
Само девет месеци по раѓањето на Лусија, парот го доби и синот Рен, кој е роден на 29 октомври 2019 година.
„Станав татко во триесет и петтата година. Сега имам 48 и не е исто“, со насмевка изјави тогаш Мартин.
И покрај тоа, тој истакна дека е „силен и здрав“ и ужива во секој момент поминат со неговите деца.
Сепак, близнаците во моментов го привлекуваат најголемото внимание на јавноста – како најстари наследници на големиот заводник, а многумина во коментарите се согласуваат дека убавината не ја наследиле од татко им, додека други сметаат оти треба да им се даде време целосно да израснат и да станат возрасни мажи.