Со усвојување на предлог законското решение на СДСМ за укинување на ДДВ на основните производи храна, граѓаните ќе може да заштедат и до 2.000 денари месечно. Со ова законското решение се опфатени над 250 категории на производи за кои ДДВ то ќе се намали од 5% на нула проценти, вели Јована Тренчевска, пратеничка на СДСМ.
„Тоа ќе даде реален ефект и вистински ќе ги намали малопродажните цени на прехранбените производи, со што ќе се намали и вредноста на потрошувачката кошница.
Учеството на храната и пијалакот во потрошувачката кошничка изнесува 23.000 денари, што значи ефектите од оваа мерка со заштеда и до 2.000 денари ќе влијае на заштита на стандардот на граѓаните и состојбата на семејните буџети. Бенефитите ќе бидат за граѓаните а воопшто нема да ги оптоваруваат компаниите. Оваа мерка нема да може да биде изиграна од трговците како што тоа се случи со мерките на Владата. После еден месец се покажа дека владината мерка за замрзнување на маржите не донесе никаков резултат. Потрошувачката кошничка се намали само за 57 денари во споредба со минатито месец, во период кога просечната плата се намали за 1.000 денари“, посочува Тренчевска.
Како што додава, СДСМ ги повикува сите пратеници да го поддржат ова законско решение.
„Ја повикуваме ВМРО-ДПМНЕ да не води политички инает врз грбот на граѓаните. Наместо постојано да одбива добри законски решенија предложени од опозицијата да се одважи и да ги поддржи. Нема ниту еден аргумент ВМРО-ДПМНЕ зошто е против оваа мерка, против ова законско решение за укинување на ДДВ-то на основните производи. Освен дека е против затоа што е поднесена од СДСМ. Споредбите со периодот кога СДСМ успешно спроведе мерки за намалување на цените се несоодветни. Само со една од мерките што СДСМ ја донесе пред две години, поевтинија над 500 производи, или околу пет пати повеќе од сега. Граѓаните немаат време да чекаат, додека трошоците за живот секој месец растат. Потребни се ефикасни, реални и системски решенија како ова законско решение. За овој предлог закон треба да дадат поддршка сите пратеници, затоа што е во интерес на граѓаните и ќе овозможи подобар животен стандард и одржлива економија. Тоа е обврска на сите пратеници, без разлика каква политичка идеологија имаат или од која партија доаѓаат.