Демократската кандидатка, Камала Харис и републиканскиот кандидат Доналд Трамп ќе се соочат во една од најнеизвесните трки за американски претседател во историјата. Анкетите на ниво на целата држава како и во клучните држави покажуваат голема изедначеност, а не се исклучува ниту можноста од изедначен резултат на електорските гласови.
Како што е познато, Американците го избираат претседателот преку електорски систем, каде што педесетте сојузни држави и главниот град Вашингтон даваат вкупно 538 електори кои потоа го избираат претседателот. Секоја сојузна држава избира одреден број електори, пропорционално на бројот на жители. На пример, сојузната држава Вајоминг дава најмал број електори (3), додека Калифорнија дава најмногу (54) електори, а за победа се потребни најмалку 270 електорски гласови.
Седум клучни држави
Според веродостојни анкети, голем дел од сојузните држави веќе одлучиле за кого ќе гласаат, а од избори до избори тие традиционално ги фаворизираат или демократите или републиканците. Така што седумте неопределени, т.н „swing states“ ќе одлучат кој ќе биде новиот претседател на САД.
Ова е моменталната состојба без гласовите на седумте клучни држави (Пенсилванија, Мичиген, Висконсин, Северна Каролина, Џорџија, Невада, Аризона).
269 – 269
Според анкетите, Трамп има благо водство во Пенсилванија, Аризона, Џорџија и Северна Каролина, додека Харис води во Висконсин и Мичиген. Во Невада ситуацијата е целосно изедначена. Во овој случај, Трамп би освоил 281 електор и би победил на изборите. Сепак, имајќи предвид дека во сите држави предноста на кој било кандидат е помала од 1,5 отсто (во Пенсилванија само 0,3) и големиот број на неодлучни гласачи, резултатите е невозможно прецизно да се предвидат.
Со оглед на големата изедначеност не се исклучува можноста, изборите да завршат без победник односно двајцата кандидати да освојат еднаков број на електорски гласови (269-269).
Ова би се случило доколку Трамп ги освои државите кои во 2016 година ги освои против Хилари Клинтон, а во 2020 година ги загуби во трката против Џо Бајден. Тоа се Мичиген, Висконсин и Пенсилванија, државите на Средниот Запад и Невада. Доколку Харис победи на југот, во Аризона, Џорџија и Северна Каролина, би добила еднаков број електорски гласови, а исходот од изборите би бил нерешен.
Каква ќе биде постапката доколку нема победник?
Доколку ниту еден кандидат не освои мнозинство од 538 електорски гласови, кој ќе биде следниот претседател ќе одлучува Претставничкиот дом на американскиот Конгрес (долниот дом), при што секоја сојузна држава има по еден глас, а Вашингтон не гласа. За победа ќе биде потребно освојување на мнозинство гласови од сите држави (26).
Во Долниот дом, секоја држава има различен број на претставници според бројот на жители, а вкупниот број на претставници е 435. Така, претставниците на државите би требало меѓусебно да се договорат околу поддршката за еден кандидат или да гласаат со мнозинство.
Горниот дом, Сенатот, кој брои 100 сенатори, би го избирал потпретседателот, а секој сенатор би имал право на глас. За победа е потребно мнозинство од сенаторите (51). Во моментов Демократите имаат мнозинство во Сенатот, додека Републиканците имаат мнозинство во долниот дом. Во случај домовите да бидат поделени околу гласањето, може да се случи и тоа претседател да биде Трамп, а потпретседател демократот Тим Волц.
Трамп би имал предност
Сепак, со оглед на тоа дека утре се избира новиот состав и на дел од Сенатот и на целиот Претставнички дом, ситуацијата може да се смени, а анкетите велат дека републиканците би можеле да го преземат Сенатот и да го задржат долниот дом, но и во однос на ова прашање анкетите се исклучително изедначени.
Во ваков случај, Трамп би имал голема предност. Сепак, во американскиот изборен систем постои „сива зона“, според која избраните електори не мораат да гласаат според волјата на избирачите на нивните сојузни држави, односно можат да гласаат за кој било претседателски кандидат.
Иако оваа практика се користи исклучително ретко, при нерешено сценарио, некои електори би можеле да го дадат својот глас на друг кандидат, на пример на оној кој поединечно освоил најголем број гласови во целата земја. Тука во подобра позиција би била Харис, за која се предвидува дека ќе освои повеќе гласови од Трамп.
На овој начин, електорите би го одбрале победникот на изборите, а гласањето не би требало да се префрли во Конгресот.