[ВИДЕО] Мицкоски за уставните измени: Ние не сме Бујар Османи, Маричиќ, ниту Ковачевски за да бидеме лековерни, ќе чекаме сигнал за да одиме чекор напред

Макфакс

30/10/2024

16:13

645

Големина на фонт

а а а

Предлогот уставните измени да имаат одложено дејство за внесување на Бугарите во Уставот премиерот Христијан Мицкоски вели дека нема да го предаде сè додека јасно не ја види целта. Да се предаде предлогот во овој момент, кога сè уште Бугарија нема влада, Мицкоски смета дека е наивно оти таков унилатерален потег би значел целосно загрозување на и онака загрозените односи поради авантурите на претходната влада.

„Се разбира дека треба да се добие каков било сигнал за да можеме да одиме чекор напред, сигурно нема да влеземе во каква било авантура. Ние можевме многу порано тоа да го направиме ако бевме почетници во оваа работа. Ние не сме Бујар Османи, ниту Маричиќ ниту Ковачевски за да бидеме лековерни и наивни и да веруваме на интересите на трети страни. Наш интерес се македонските граѓани, државата, евроинтегративните процеси и тука стоиме во првата линија“, рече премиерот Мицкоски.

Договорот за уставни измени и внесување на Бугарите во Уставот, Мицкоски ги нарече егзебиција на Османи, Маричиќ и Ковачевски, која ќе нè следи цело време како факт, но уверува дека додека не ја види целта, нема да прави потези.

„Сè додека немаме јасно видлив крај, ние немаме намера ниеден потег да правиме. Ние имаме јасна стратегија. Нашата прва фаза беше од позицијата ‘тоа е тоа на маса’ до позиција ‘дајте да бараме решение’. Втората фаза е да имаме политичка влада кај нашиот источен сосед, која ќе може да преземе и политичка одговорност“, вели премиерот Мицкоски.

Тој денес на поставувањето камен-темелник за нова градинка во Стопански Двор, општина Ѓорче Петров, уште еднаш потсети дека во 2018 година граѓаните со менувањето на името направија жртва каква што нема направено ниеден народ и ниедна држава членка на Европската Унија, но место членство, сè уште се зборува за почнување преговори. Повика на обединување за ова прашање оти „ќе бараат меко ткиво за тука да нè пресечат“.



Спонзорирани линкови

Маркетинг