Лашкоска: Прекуграничната соработка во управувањето со водите претставува камен-темелник за климатска адаптација во нашата држава

Макфакс

24/10/2024

10:55

172

Големина на фонт

а а а

Заменик министерката за животна средина и просторно планирање Ане Лашкоска учествуваше на 10-тата сесија на Состанокот на страните на Конвенцијата за води на Економската комисија на Обединетите нации за Европа (UNECE) , што деновиве се одржува во Љубљана, Словенија.

Настанот претставува можност нашата држава да ги претстави приоритетите и да придонесе за обликување на стратешката насока на идната работа на Конвенцијата.

Лашкоска имаше свое обраќање во рамки на Сесијата: Нашите води – наша иднина, каде ги изнесе искуствата од меѓуграничното управување со водите во функција на климатските промени.

Според неа, прекуграничната соработка во управувањето со водите претставува камен-темелник за климатска адаптација во нашата држава, со оглед на заедничките водни ресурси со кои изобилува регионот.

– Придобивките од прекуграничната соработка се јасни: со заедничко работење, ние сме способни подобро да ги анализираме и да управуваме со заедничките климатски ризици, да ги намалиме неизвесностите преку размена на критични податоци и да развиеме координирани стратегии од кои имаат корист сите држави во сливот – истакна Лашкоска.

Како одличен пример за успешна меѓународна соработка и регионален дијалог, таа ја наведе соработката околу Дримскиот басен, кој ја поврзува Северна Македонија со Албанија, Грција, Косово и Црна Гора.

– Дримскиот процес значително ги подобри институционалните капацитети и прекуграничната соработка преку воспоставување заеднички тела за прекугранично управување, споделување податоци и развивање стратешки акционен план кој вклучува мерки за отпорност на климата – рече Лашкоска во своето обраќање.

Таа додаде и дека ваквите дијалози се клучни за идентификување решенија и можности за соработка, а со фокусирање на заедничките предизвици, може да се искористат придобивките од соработката, од забрзан економски раст и подобрена благосостојба на човекот, до зголемена еколошка одржливост и политичка стабилност.

Десеттата сесија на Состанокот на страните се смета за клучна пресвртница за Конвенцијата за води, како и во прегледот на нејзиниот придонес за решавање на тројната планетарна криза.

Настанот вклучува сегмент на високо ниво, општ сегмент и споредни настани, на кои се разговара за поврзани теми како што се адаптација на климатските промени, управување од извор до море, меѓусекторска соработка и финансирање на соработката во вода. Се очекува Страните на Конвенцијата за води да усвојат иновативна нова програма за работа за периодот 2025-2027 година, која помага да се реши тројната планетарна криза, како и да донесат други одлуки, вклучително и одлуки за развој на поодржлив и попредвидлив механизам за финансирање на Конвенцијата.

Настанот е во организација на Владата на Словенија и Секретаријатот на Конвенцијата за заштита и користење на прекугранични водни текови и меѓународни езера (Конвенција за вода), чиј домаќин е UNECE.



Спонзорирани линкови

Маркетинг