Ацо Петровиќ се потсети на братот Дражен: Потпиша за Реал Мадрид и ме масакрираше

Точка

22/10/2024

20:11

1.155

Големина на фонт

а а а

На денешен ден во 1964 година се роди Дражен Петровиќ, легендарниот хрватски кошаркар кој во текот на кратката кариера до смртта на 7 јуни 1993 година остави длабока трага врз европската кошарка, но и врз НБА лигата. Неговиот брат Александар зборуваше за Дражен во интервју за „Ас“.


Беше единствен

„За неколку години ќе се водат расправии за тоа кој е најдобриот европски кошаркар на сите времиња, дали Лука Дончиќ или Никола Јокиќ, но убеден сум дека трагата која ја остави Дражен оди подалеку од тоа. Неговото наследство како играч кој ги уништи бариерите на НБА лигата кон крајот на 80-тите и почетокот на 90-тите години на минатиот век и го трасираше патот за другите Европејци е нешто сосем поинакво“, потенцира Ацо Петровиќ.


Тој беше единствен и одлучувачки играч на паркетот, додека Ацо вели дека четирите години на Дражен во Цибона (од 1984 до 1988 година) биле најдобрите во историјата на Загреб и потсетува дека луѓето пристигнувале во салата и неколку часа пред почеток на натпреварите само за да го видат.

Настрада на врвот од кариерата

Кариерата која имаше метеорски подем беше запрена на 7 јуни 1993 година како последица на сообраќајната несреќа на автопат во Германија. Дражен почина по сезоната во која имаше просек од 22,3 поени со Нетси, со 45 отсто прецизност за три поени. На позицијата шутинг гард подобри беа само Мајкл Џордан и Џо Думарс, а исто така тој се вбројува во третата најдобра петорка на НБА лигата.


Ацо го опиша Дражен како играч кој многу напаѓал со топката во раце, кој имал добар дриблинг, брилијантно ја читал играта и го уништувал противникот. „Тој беше играч на југословенската школа каде шпицовите ги усовршуваа основите и научија да ја читаат секоја ситуација на паркетот“ вели Ацо.

Најверојатно би останал во НБА лигата

Иако претходно имале дуели на теренот, Ацо особено добро се сеќава на оние кога беше играч на Цибона, а Дражен настапуваше за Реал.


„Се сретнавме во полуфиналето на Купот го замолив тренерот јас да го чувам. Ме масакрираше, нè масакрираше сите на двата натпревари и тоа на шокантен начин“, изјави Ацо, а „Ас“ наведува дека Дражен постигнал 38 поени во Загреб и 47 за возврат во Мадрид со речиси 80 проценти успешност на шутот.


Следуваше НБА кариерата на великанот кој не доби многу можности покрај Тери Портер и Клајд Дрекслер во Портланд Трејл Блејзерс, но ја докажа својата класа во Нетс. По истекувањето на договорот постоеше опција тој да се врати во Европа, поточно во Панатинаикос или да остане во НБА лигата каде заедно со Нетс го посакуваа и Хјустон Рокетс и Њујорк Никс.

„Дражен веројатно би останал во НБА“, тврди Ацо.



Спонзорирани линкови

Маркетинг