Јаневска: За четири години сите државни студентски домови ќе станат модерни и енергетски ефикасни

Макфакс

15/10/2024

14:40

215

Големина на фонт

а а а

Условите во државните студентски домови се стар предизвик што, веројатно поради габаритноста на објектите и сложеноста на зафатот што требало одамна да се реализира, никој не се нафатил да го реши. Сега ние го решаваме тој предизвик, активностите за етапна реконструкција објектите се интензивираат и за четири години сите ќе станат модерни и енергетски ефикасни.

Ова го истакна министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска на денешната прес конференција на која заедно со раководителот на Германската развојна банка (KFW) за Југоисточна Европа Клаус Милер, претставникот на Делегацијата на Европската Унија, Стефан Худолин и германскиот заменик амбасадор Јан – Аксел Вос информираа за прогресот на активностите во рамки на проектот за модернизација на државните студентски домови во Македонија.

„Градежни активности се реализираат во „Кузман Јосифовски – Питу“ и „Стив Наумов“ во Скопје и во нив вложуваме 17 милиони евра. За 18 месеци ќе станат современи, енергетски ефикасни и ќе понудат услови и стандарди за едукација и престој какви што треба да имаат и какви што заслужуваат студентите. Целосно ја менуваме внатрешноста, инсталациите, столаријата, фасадата, поставуваме фотоволтаици и еко системи за греење“, рече Јаневска, информирајќи дека паралелно течат подготовките заотпочнување на реконструкцијата и на други седум студентски домови. Ова е една од мерките со која, како што рече Јаневска, убедена сум дека ќе го промениме размислувањето кај дел од младите да заминат на студирање надвор од својата земја.

Во време кога недостига работна сила, важен ни е секој еден млад човек. Па, бидејќи е така, да им обезбедиме можности целосно да се реализираат тука, во сопствената земја“, додаде Јаневска.

Таа изрази благодарност што Македонија има силни поддржувачи во заложбите за обезбедување на подобар студентски стандард, а со тоа и во заложбите за градење на генерации кои ќе бидат задоволни од грижата на државата и како што нагласи, ќе развиваат силно патриотско чувство и ќе возвратат со труд и посветеност кон нејзиниот напредок.

За проектот за реконструкција на државните студентски домови досега се обезбедени средства во износ од 25 милиони евра, од кои 20 преку кредитна линија на Германската развојна банка и речиси 5 милиони евра неповратен грант од Програмата за регионална енергетска ефикасност за Западен Балкан на Европската Унија.



Спонзорирани линкови

Маркетинг