Шефот на германската разузнавачка служба вели: „До крајот на оваа деценија, Русија ќе биде подготвена да го нападне НАТО“

Точка

14/10/2024

21:15

5.257

Големина на фонт

а а а

На денешното парламентарно сослушување, шефовите на германските разузнавачки служби издадоа остри предупредувања околу руското шпионирање и подготовките на Москва за воен судир со НАТО.


„Подготвеноста на Москва за користење на хибридни и тајни мерки стаса до досега невидено ниво“, изјави Бруно Кахл, шефот на германската, надворешна разузнавачка служба („BND“), истовремено предупредувајќи дека „директната воена конфронтација со НАТО станала опција за Москва“.

„Кремљ ги зајакнува своите конвенционални сили“

Кахл им објасни на парламентарците дека целта на Кремљ е да ја зајакне војската како дел од подготовките за потенцијален напад и да го подели Западот со цел да ја спречи способноста на Европа за одбрана.


„Путин ќе продолжи да ги тестира црвените линии на Западот и дополнително да го ескалира судирот. Руските вооружени сили веројатно ќе бидат во позиција, во смисла на вооруженост и персонал, да започнат напад врз НАТО најдоцна до крајот на оваа деценија“, потенцираше Кахл.

Тој додаде дека Кремљ, којшто води сеопфатна војна против соседна Украина од февруари 2022 година, троши многу повеќе средства на војската во споредба со европските земји и значајно ги зајакнува своите конвенционални сили. „Фокусот на ова натрупување, секако е источното крило на НАТО“, вели Кахл, а пренесува „Politico“.


„CNN“ порано оваа година извести за откриен руски заговор

Кахл исто така вели дека крајната цел на рускиот претседател Владимир Путин е да ги „избутка Соединетите американски држави од Европа“, и да го врати НАТО на границите од доцните деведесетти години, и на тој начин да создаде „руска сфера на влијание“, како и да „воспостави нов светски поредок“.


Томас Халдеванг, шефот на германската, внатрешна, разузнавачка агенција, потврди дека неговата агенција забележува „агресивно однесување на руските разузнавачки служби“ како и дека во Германија, шпионирањето и саботажите се зголемиле и „квантитативно и квалитативно“, при што Русија е подготвена дури и да ги „изложи на опасност човечките животи“.

Порано оваа година „CNN“ извести дека американските и германските разузнавачки служби спречиле руски заговор којшто имал за цел – убиство на извршниот директор на произведувачот на оружје „Rheinmetall“.