Сведочење на Зорица Ѓорчевска, мајката на убиената Вања: Таткото од прв момент тврдеше дека е киднапирана, ја баравме во напуштена куќа на Партизанска, а таткото барал и во Арачиново

Точка

14/10/2024

11:53

6.696

Големина на фонт

а а а

Александар од првиот момент тврдеше дека Вања е киднапирана, ми кажа дека бил во Сарај кај пријател, па во Арачиново, па во Блаце, но имало многу гужва и се вратил, сведочеше мајката Зорица Ѓорчевска.

Мајката Зорица Ѓорчевска на денешното сведочење изјави дека дента на злосторот, нејзината ќерка излегла од дома во 7:20 и тргнала на школо, но 20-тина минути подоцна и стигнала порака од класната на Вања дека не е стигната во школо пренесува Телма.

- Ѝ свртев на телефон на Вања, но не беше достапна. Локацијата преку Гугл покажа дека е на Партизанска и му се јавив на Александар и му кажав дека Вања ја нема. Откако дојде, со Александар, со кола отидовме на местото каде што покажа Гугл, ама таму имаше една напуштена куќа. Викавме: Вања, Вања, ама ништо. Околу 8.30 часот во полиција направивме пријава и почна потрагата, изјави на судењето, мајката на Вања.

Таа рече дека Александар брзо дошол по јавувањето иако смета дека не е вообичаено тој брзо да се подготвува и знае да доцни.


- Но, јас кога му се јавив брзо дојде. Не ми рече ништо за исчезнувањето на Вања, јас му објаснував дека не знам каде е, дека не сме се скарале. Зборувавме со Александар каде да одиме, каде да ја бараме. Дојдовме пред Соборниот Храм и седнав на клупа. Седнав со полицаец, давав податоци, им се јавив на колеги на телефон, да пробаат и тие да ѝ го лоцираат телефонот. Полицаецот предложи да се вратиме дома, да не се вратила случајно, бидејќи Вања претходната ноќ се жалеше дека не ѝ е добро. Тогаш се јави помалата ќерка од училиште, сфатила дека Вања не отишла во училиште, почна да плаче и отидов да ја земам од школо, беше дел од исказот на Зорица Ѓорчевска.

Таа објасни како го поделиле имотот со поранешниот сопруг Александар.

– Настанот се случи на улица Наум Наумовски Борче бр. 87, два месеци живеевме во тој стан, од 10 септември. Претходно живеев во стан на улица Славе Деловски, кој беше моја сопственост. Станот на Наумовски Борче во моментот беше на Александар, претходно беше мој, татко ми ми го препиша – рече Зорица Ѓорчевска.


На прашањето зошто му го дала станот на Александар, Зорица рече дека не може да каже конкретно.

– Јас имав два стана, тој бараше еден да биде на негово име, за ако некому од нас нешто му се случи, да останат за децата. Во 2018 година станот му го префрлив на Александар. Потоа децата сакаа да живеат во тој стан и јас како старател побарав станот да се префрли на име на децата. Постапката почна, едниот стан на едното дете, другиот на другото дете. Нотарската заверка никогаш не беше завршена, тој се повлекуваше, ретерираше. Кога се преселивме, јас инсистирав да се доврши постапката. Јас го користев станот, почнав да го уредувам, да го преградувам, нарачавме мебел и се преселивме на 10 септември. Претходно беше даден под кирија, а киријата ја земаше Александар – рече Ѓорчевска.

Таа додаде дека во нејзина сопственост има станови во Капиштец и во Аеродром, како и мал стан во Охрид, кои ги наследила од нејзините родители.