Најмалку две торнада, предизвикани од ураганот „Милтон“, денеска ја погодија околината на малото гратче Монтура, на Флорида, од кои едното е окарактеризирано како „екстремно опасно“, соопшти Националната метеоролошка служба.
„Вие сте во смртна опасност. Летечкиот отпад може да биде смртоносен за оние кои се без засолниште“, се вели во соопштението на службата.
Властите повикаа речиси 5,5 милиони луѓе да се евакуираат од западниот брег на Флорида, додека државата се подготвува за една од најголемите операции за евакуација и спасување во својата историја, пренесува CNN.
Во Флорида, на повеќе од половина милион луѓе им беше наредено да се евакуираат од округот Пинелас, округот Ли нареди 416.000 луѓе кои живеат во нејзините задолжителни зони за евакуација да ги напуштат своите домови, а најмалку шест други крајбрежни окрузи наредија евакуација, вклучително и округот Хилсборо градот Тампа.
Гувернерот на Флорида Рон де Сантис објави дека се распоредени 9.000 гардисти, од кои една третина се од други држави.
„Дваесет и шест екипи за пребарување и спасување се на терен“, рече гувернерот.
Во исто време, GasBadi, платформа која ги следи цените и достапноста на бензинот, предупреди дека во областа помеѓу градовите Тампа и Санкт Петербург горивото не е достапно на повеќе од половина од бензинските пумпи.
Аналитичката компанија Корлоџик предупреди дека околу 500.000 домови се загрозени, со проценета вредност за реконструкција од 123 милијарди долари, доколку ураганот достигне јачина од три, кога ќе ја погоди земјата.
Ако „Милтон“ е со јачина од 4 степени на копно, компанијата предвидува дека ќе бидат оштетени околу 700.000 домови, со штета од приближно 174 милијарди долари.
Со максимални ветрови од 150 милји на час, Милтон беше намален од ураган од петта категорија на ураган од четврта категорија на петстепената скала Сафир-Симпсон, според најновиот извештај на Националниот центар за урагани на САД.
Според истиот извор, се очекува „Милтон“ да остане исклучително опасен ураган кога ќе удри на Флорида.
Како што јави агенцијата Ројтерс, американскиот национален центар за урагани објави дека силно невреме најверојатно ќе ја погоди метрополитенската област Тампа Беј.