Пензионер, во својот дом во Козле, неовластено држел муниција и експлозив, поведена истрага

Макфакс

03/10/2024

15:26

208

Големина на фонт

а а а

Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кое постои основано сомнение дека сторило кривично дело – Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или експлозивни материи од член 396 став 5 во врска со став 3 и став 1 од Кривичниот законик.

Осомничениот 66-годишен пензионер, во својот дом во Козле, неовластено држел муниција и експлозивна материја кои на граѓаните им се забранети – една рачна бомба полнета со 100 гр. ТНТ експлозив и запалка, 181 куршуми боева муниција со различен калибар наменети за автоматски пушки и тешки митралези, шест тегли со сачми со различна големина на оловни проектили со вкупна маса од околу 2.800 грама, четири најлонски ќеси со барут и два алати за изработка на ловна муниција.

Поради опасност од бегство и можност да го повтори делото, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка куќен притвор за осомничениот.



Спонзорирани линкови

Маркетинг