Дваесет и девет години од обидот за атентат врз првиот претседател на Македонија, Киро Глигоров

Нетпрес

03/10/2024

12:15

455

Големина на фонт

а а а

Денеска се навршуваат 29 години од неуспешниот атентат врз поранешниот претседател на Македонија, Киро Глигоров, кој преживеа со тешки повреди на главата. На местото на атентатот загина неговиот возач Александар Спировски, а беше повреден и неговиот телохранител Илчо Теовски. На повредите подоцна им подлегна и Ристо Хаџиманов, кој бил случаен минувач.

Сè уште е непознато кој го организирал атентатот.

Истражната постапка која се води против непознат сторител сè уште е отворена. Истрагата утврди дека атентатот бил добро подготвен и организиран и оти само среќна околност била што претседателот Глигоров преживеал.

Во паркираниот автомобил „цитроен ами 8“ биле скриени 20 килограми експлозив, кој бил активиран со далечински управувач кога возилото на Глигоров се движело кон зградата на Собранието. Претходно, пред експлозијата, службеното возило на претседателот на улица „Македонија“ го забавило едно „фиќо“.

Во истрагата беа претресени 30.850 возила и прегледани повеќе од 15.000 објекти, биле легитимирани повеќе од 188.000 лица, од кои 19.000 биле претресени. Министерството за внатрешни работи извршило и повеќе информативни разговори со луѓе за кои сметало дека се можни сторители на атентатот, но сите биле пуштени по испрашувањата.

Киро Глигоров беше првиот претседател на самостојна и независна Република Македонија.

Тој беше на чело на државата од 1991 до 1999, односно два претседателски мандати.

Глигоров за овој настан напиша и книга „Атентат-ден потоа“, објавена во 2002 година.

Претседателот Глигоров почина на 1 јануари 2012 година на 94 годишна возраст, во Скопје.




Спонзорирани линкови

Маркетинг