По последните конфликти започна евакуацијата на граѓаните на Велика Британија и Канада од Либан

Макфакс

02/10/2024

17:02

175

Големина на фонт

а а а

Откако вооружените сили на Израел започнаа копнена офанзива на југот на Либан наречена „Северна стрела“, некои земји започнаа планови за евакуација на своите граѓани од регионот на Блискиот Исток.

Во исто време, ниту вчерашниот ракетен напад на Иран на територијата на Израел не укажува дека ситуацијата ќе се смири во овој дел од светот, пишуваат светските медиуми и потсетуваат дека Иран истрела 181 балистичка ракета на територијата на Израел, а според Си-Ен-Ен, на мета биле аеродромот Бен Гурион, канцелариите на Мосад и многу други цели.

Во нападот биле користени ракети Шахаб-3, но според извори во Иранската револуционерна гарда, за прв пат биле користени и поголем број „хиперсонични ракети“, наведува „Аеротајм“. Нападот беше извршен како одмазда за неодамнешниот атентат на политичкиот лидер на Хамас, Исмаил Ханије, лидерот на Хезболах, Хасан Насрала и заменик-командантот за операции на иранскиот корпус на револуционерната гарда, Абас Нилфорушан.


Поради сето ова, одредени земји како Канада, Велика Британија и Австралија презедоа конкретни мерки за „извлекување“ на своите граѓани, додека некои (како Бугарија и Португалија) веќе ги евакуираа своите граѓани со цивилни или воени авиони преку Кипар во саботата навечер, пред да започнат последните конфликти, пренесуваат медиумите.

Австралија направи план за евакуација на голем број свои граѓани од Либија, но апелираше до своите граѓани да ја напуштат земјата додека аеродромот во Бејрут е сè уште отворен.

Британската влада за денеска закажа лет за своите граѓани од Либан: авионот што ќе ги превезува граѓаните на оваа земја ќе полета од меѓународниот аеродром Бејрут-Рафик Харири (BEY), со приоритет на најзагрозените.

„Ситуацијата во Либан е нестабилна и може брзо да се влоши. Безбедноста на британските државјани во Либан останува наш највисок приоритет. Затоа владата на ОК организира лет за да им помогне на оние кои сакаат да заминат. Од клучно значење е да заминете сега. бидејќи можеби нема да се гарантираат понатамошни евакуации“, изјави британскиот министер за надворешни работи Дејвид Лами. Дополнително, околу 700 војници се распоредени во воените бази на Кипар со цел да придонесат за полесна евакуација во наредниот период, пренесува France24.


Во исто време, Канада, исто така, објави дека резервирала 800 седишта на комерцијалните летови кои ќе го напуштат Либан во наредните денови, но обезбеди и дополнителни воени опции за евакуација на своите граѓани од Либан, благодарение на војниците распоредени на Кипар.

„Ако сте канадски државјанин во Либан, мора да заминете сега. Ако ви понудат место, веднаш заземете го“, напиша канадската министерка за надворешни работи Мелани Џоли на мрежата Икс.

Други земји како Германија, Франција и Јапонија имаат воспоставено планови за безбедност на своите граѓани во Либан, но останува да се види дали тие ќе се променат по најновата ескалација на конфликтот што ја најави ИДФ.

Околу 110 германски државјани во понеделникот попладне го напуштија Бејрут, а амбасадата на оваа земја ќе им помогне на сите германски државјани кои сакаат да го напуштат Либан.



Спонзорирани линкови

Маркетинг