Израел испрати воени трупи во Либан, но вистинската мета е Иран: Планот со месеци бил подготвуван

Точка

01/10/2024

22:16

5.347

Големина на фонт

а а а

Израелските власти веруваат дека имаат шанса да го преобликуваат Блискиот Исток, можност којашто се јавува еднаш во генерација, а која го надминува уништувањето на Хамас и Хезболах. Дури и пред започнувањето на „ограничената“ копнена офанзива на Израел врз Либан, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху јасно порача дека нивната конечна цел е поткопување на авторитетот на власта во Техеран и „обезглавување“ на Хамас во Газа како и либанската шиитска група Хезболах.

Во своето обраќање на англиски јазик, во понеделник, Нетанјаху му вети на „племенитиот персиски народ“ дека денот кога ќе биде ослободен од власта на „тиранот“ и денот кога ќе можат да постигнат мир со Израел, ќе дојде „многу побрзо отколку што мислат“. „Не постои место на Блискиот Исток до коешто Израел не може да стаса“, предупреди Нетанјаху.

Меѓутоа ова не претставува „празна“ закана. Израел не се бори само против Техеран додека ги бомбардира неговите сојузници – Хезболах во Либан и Хутите во Јемен, туку покажува и сопствена надмоќ во смисла на технологијата и шпионажата на иранска територија, пишува „Politico“.

Тежок предизвик за Техеран

По ударите од ирански проектили во април, Израел им возврати со удар којшто го „крена во воздух“ радарот на противвоздушната одбрана во близина на централниот ирански град Исфахан. Тоа беше предупредување на Израел за можноста да уништи некое од иранските нуклеарни постројки кога и да посака. Исто така во јули водачот на Хамас, Исмаил Ханије во ракетен удар беше убиен во Техеран, а највисоките ирански функционери загинаа во ударите врз Дамаск и Бејрут.


За Техеран ова претставува тежок предизвик. Иран искажува моќ во целиот регион претставувајќи се како воена сила која може да ги поддржи своите лојални милитантни групи во Ирак, Сирија, Либан и Јемен. Израел сега директно ја предизвикува иранската власт, а убиството на водачот на Хезболах, Хасан Насралах, претставува еден од најфлагрантните примери на „фрлање на ракавицата“ на Нетанјаху кон Техеран.

Вчера, Израел јасно порача дека нема да застане тука. Во својата објава на „Х“, израелските одбранбени сили соопштија дека спроведуваат „локализирани и насочени копнени напади против терористичките цели и инфраструктурата на Хезболах“ во селата во близина на израелско – либанската граница.

Планот бил подготвуван со месеци

Планот којшто ќе биде поддржан со воздушни удари и артилјерија се подготвувал со месеци. И покрај меѓународните повици за прекин на огнот, Нетанјаху ќе ја засили офанзивата врз Хезболах, потенцираше еден висок израелски функционер. Тоа најверојатно ќе вклучува започнување на голем копнен напад со цел уништување на Хезболах во јужен Либан, присилувајќи го да се повлече северно од реката Литани, 29 километри оддалечено од израелско – либанската граница, во согласност со резолуцијата на ОН со која беше ставен крај на либанската војна во 2006 година.


Исто така, Израел и понатаму ќе продолжи да ги напаѓа магацините со оружје, логистиката и заповедните центри во долината Бека на Хезболах, како и да ги убива неговите високи функционери. „Ова е наша можност да го „скршиме“ Хезболах на начин што никогаш повеќе нема да има моќ во Либан“ изјави еден израелски функционер.

Слабата поддршка која Нетанјаху ја уживаше кај израелската јавност, сега со убиството на Насралах започна да расте, што значи дека постои политички поттик за продолжување на офанзивата и игнорирање на повиците за прекин на огнот.


Во текот на посетата на израелските војници на северот од Израел, во понеделник, министерот за одбрана Јоав Галант, ја претскажа сегашната копнена офанзива против Хезболах. Израелските специјални сили веќе спроведуваа акции преку границата. „Елиминацијата на Насралах е многу важен чекор, но не е конечен. Ќе искористиме сè што имаме на располагање, баш сè“, порача Галант.

Страв од ирански напад

Американските функционери веруваат дека израелската инвазија ќе биде ограничена и не толку обемна како онаа од 2006 година, која започна кратка но жестока војна која им наштети и на двете страни. Меѓутоа, во Вашингтон и понатаму стравуваат од ирански напад врз Израел поради што некои американски трупи се ставени во приправност, а постои и загриженост поради прекумерниот „зафат“ на Израел.

Иницијаторот не е само внатрешната политичка логика на Нетанјаху туку и воените причини. „Израел го уништи водството на Хезболах, ја загрози неговата способност за координација и иницијативите. И покрај ризиците од копнен упад, заканите од балистички проектили и долготрајната природа на моменталните операции на израелската војска, можно е дека никогаш нема да се појави подобар момент за уништување на воената инфраструктура на Хезболах во Либан од сега“ смета „Matthew Savill“ од британскиот Кралски институт на обединети служби.


Израелските функционери искажаа поголеми амбиции од ограничената интервенција против Хезболах. Неколку угледни поранешни функционери од разузнавачките и безбедносни служби, вклучувајќи го поранешниот директор на Мосад, Тамир Пардо, јавно повика на продолжување на воената кампања со цел промена на односот на сили на Блискиот Исток.

„Најважниот регионален сојузник на Техеран, веројатно никогаш нема да заздрави и да го контролира Либан во онаа мерка во којашто тоа можеше да го направи по војната со Израел од 2006 година“, потенцираше Пардо.


„Речиси целокупното водство на Хезболах, политичко и воено, заедно со илјадници членови и заповедници од средно ниво, се убиени или онеспособени за борба, а да не го споменуваме фактот дека израелските одбранбени сили уништија големи количества на стратешка муниција којашто можеше да ги загрози израелските градови. Ова би можело да означи почеток на крајот на иранската осовина на отпорот“, вели Ахмед Фуад Алкатиб, аналитичар на „Atlantic Council“.

Нов регионален поредок

Таков исход нема да им се допадне на голем број арапски лидери. Некои арапски медиуми веќе ја префрлуваат вината врз Хезболах за страдањето на Либанците. Влијателниот дневен весник во Саудиска Арабија „Okaz“ го обвини Хезболах дека делува „во корист на ирански интереси, а не либански или арапски“.

Новиот ирански претседател Масуд Пезешкиан, силно сакаше да фи подобри врските со арапските соседи, а исто така му се доближуваше и на Западот, давајќи надеж дека Техеран е подготвен посериозно да им пристапи на нуклеарните преговори. Покревањето на директен ракетен напад врз Израел, каков што беше изведен порано оваа година, ја разоткрива слабоста на Иран пред израелската воена надмоќ, оствајќи го Хезболах „осамен“ и само со реторичка поддршка од Техеран.


Меѓутоа, „Julien Barnes – Dacey“ од Европскиот совет за надворешни односи, предупреди на понатамошна ескалација од страна на Израел, и ја опиша идејата за создавање на нов регионален поредок како „опасна илузија“.

„Израелскиот напад означува значајно тактичко достигнување, но не е нужно поврзан со стратешката патека за одржливо решавање на израелските безбедносни потреби и ставањето крај на низа меѓусебно поврзани, регионални конфликти“, вели „Barnes – Dacey“.

Поранешниот израелски премиер, Ехуд Олмерт, жестокиот критичар на Нетанјаху, исто така порача дека е премногу рано да се зборува за успех. „Што доколку два или три проектила паднат врз Тел Авив“, предупреди Олмерт.



Спонзорирани линкови

Маркетинг