Соединетите Американски Држави и Израел контактирале со официјални лица од неколку источноафрикански земји со желба да ја искористат нивната територија за преселување на Палестинците од Газа, објави денеска Асошиејтед прес (АП), цитирајќи американски и израелски официјални лица.
Официјални лица во Судан, Сомалија и отцепениот регион Сомалиленд биле контактирани за предлогот, вели АП.
Суданските власти рекоа дека предлогот е отфрлен, додека оние од Сомалија и Сомалиленд рекоа дека не знаат за какви било контакти, додава агенцијата.
На почетокот на овој месец, арапските лидери усвоија египетски план за реконструкција за Газа, вреден 53 милијарди долари, со кој ќе се избегне раселување на Палестинците од енклавата, за разлика од визијата на американскиот претседател Доналд Трамп за „блискоисточна ривиера“.
Трамп предложи американско преземање на Газа за обнова на разурнатата енклава, откако претходно предложи Палестинците да бидат трајно раселени.
Планот на Трамп ги засили долгогодишните стравови на Палестинците дека трајно ќе бидат протерани од своите домови и наиде на широко меѓународно отфрлање.