[ФОТО/ВИДЕО] Историјата покажува дека Израел со леснотија „влегува“ во Либан, но повлекувањето оттаму му нанесува тешки рани

Точка

01/10/2024

18:08

3.531

Големина на фонт

а а а

Односот помеѓу Израел и Либан со децении е обележан со тензии, конфликти и воена интервенција. Секое потсетување на израелските инвазии врз Либан отвораат болни историски рани, а најновата офанзива е најнов чин во сложениот однос помеѓу двете соседни земји.

И покрај тоа што Израел често успеваше брзо да ги оствари своите иницијални цели со влегувањето на либанска територија, од друга страна, повлекувањето оттаму беше скапо, макотрпно, како и „скапо“ политички и воено.

Првата израелска инвазија врз Либан (1978)

Првиот поголем упад на Израел во Либан се случи во 1978 година, како дел од операцијата наречена „Операција Литани“. Израел тврдеше дека ја започнал таа операција како одговор на континуираните напади од страна на палестинските вооружени групи како што е Палестинската ослободителна организација (ПЛО), коишто имаа свои бази на југот од Либан. Целта на оваа операција била воспоставување на тампон – зона со цел да се спречат понатамошни напади врз израелската територија.


Израел за кратко време го окупираше јужен Либан, а воената операција резултираше со голем број цивилни жртви и раселување на локалното население. Меѓународната заедница, предводена од ОН, реагираше со испраќање на мировни сили („UNIFL“), коишто требаше да ја обезбедат стабилноста и повлекувањето на израелските трупи. Меѓутоа, и покрај повлекувањето на поголем дел од израелските воени сили, јужен Либан остана под израелска контрола преку сојузничките милитантни групи, особено Јужно – либанската армија („SLA“), што создаваше постојан извор на тензии.

Втора инвазија врз Либан (1982)

„Операцијата Мир за Галилеја“ од 1982 година, беше далеку поголем и покомплексен воен ангажман на Израел во Либан. Поводот за инвазијата беше ескалацијата на насилството помеѓу Израел и ПЛО, вклучувајќи го и обидот за атентат врз израелскиот амбасадор во Лондон. Во тоа време Израел, под водство на министерот за одбрана, Аријел Шарон, одлучи да започне обемна воена операција, со цел не само да се неутрализира ПЛО, туку и да се постигнат остварат политички промени во Либан.


Целта на операцијата беше заземање на јужен Либан, но Израел набргу навлезе длабоко во либанската територија, сè до Бејрут. Конфликтите предизвикаа огромна хуманитарна катастрофа, вклучувајќи ја и опсадата на Бејрут, и масакрите во бегалските кампови „Сабра“ и „Шатила“, што предизвика меѓународна осуда. Израел успеа да го присили ПЛО да го напушти Либан, но набргу се соочи со нови предизвици.


По повлекувањето на ПЛО, вакуумот на југот од Либан, го искористи нова сила – Хезболах, шиитската организација, којашто со поддршка на Иран, стекна голема популарност помеѓу шиитското население во Либан. Така што Хезболах постепено се позиционираше како главен воен и политички актер на отпорот кон израелската окупација.

Втората и скапа окупација (1982 – 2000)

И покрај тоа што Израел првобитно имаше намера брзо да се справи со сигурносната закана од Либан, следуваше повеќегодишна окупација на јужниот дел од Либан. Израел имаше воспоставено сигурносна зона со помош на сојузничката Јужно – либанска армија, но се соочуваше со постојани герилски напади од страна на Хезболах, коишто ги исцрпуваа израелските сили.

Герилската тактика на Хезболах, вклучувајќи ги заседи, експлозивни направи и снајперски напади се покажа како особено ефикасна. Окупацијата беше исклучително непопуларна во очите на израелската јавност, а зголемените загуби и неизвесноста на воените цели предизвикуваа огорченост во израелското општество. По речиси две децении борби, Израел се повлече од Либан во 2000 година, повлекување кое Хезболах го прогласи за сопствена, голема победа.

Масакрот во Сабра и Шатила (1982)

Еден од најмрачните моменти од израелската инвазија врз Либан во 1982 година, беше масакрот во бегалските кампови Сабра и Шатила, којшто се случи од 16 до 18 септември 1982 година.

Откако израелските сили го зазедоа западен Бејрут, којшто дотогаш беше под контрола на Палестинската ослободителна организација (ПЛО), израелската војска им дозволи на своите сојузници – припадниците на христијанската, десничарска милитантна група „Falange“, да влезат во бегалските кампови Сабра и Шатила. Овие кампови беа населени со палестински бегалци, најголем дел цивили, но и некои членови на ПЛО, коишто се криеја во камповите.


Фалангистите, христијанската милитантна група, поврзана со десничарската политичка струја во Либан, ја искористија оваа можност да им се одмаздат на Палестинците за атентатот врз нивниот водач Башир Џемајел, којшто бил убиен неколку денови претходно.


Израелските сили коишто ги опкружувале камповите, ѝ дале пристап на милитантната група и наводно ѝ понудиле логистичка поддршка, вклучувајќи го осветлувањето на кампот во текот на ноќта. Во текот на бруталното насилство кое траело три дена, помеѓу 460 и 3.500 цивили, главно Палестинци, но и либански шиити беа брутално масакрирани.


Израел тврдеше дека немал директна улога во масакрите, туку дека милитантните групи делувале независно. Меѓутоа, меѓународната заедница и многумина во рамките на Израел, ја осудија израелската војска поради нејзиното премолчена дозвола и неспречување на злосторството. Масакрите предизвикаа широка меѓународна осуда, но и осуда во рамките на Израел, каде десничарската влада на Аријел Шарон се соочуваше со огромен притисок.

Истрагата која покасно ја спроведе комисијата на Кахан, којашто ја именуваше израелската влада, донесе заклучок дека Израел бил индиректно одговорен за масакрите, а министерот за одбрана Аријел Шарон, беше прогласен за лично одговорен за „невниманието“ бидејќи не преземал никакви мерки за спречување на злосторството.

Војната помеѓу Израел и Хезболах (2006)

Израелското повлекување од Либан во 2000 година не означуваше крај на тензиите. Напнатоста и понатаму „вриеше“ особено околу прашањата на границите и либанските затвореници во израелските затвори. Во јули 2006 година, по киднапирањето на два израелски војници од страна на Хезболах, Израел започна нова војна против оваа организација. Војната од 2006 година беше обележана со интензивно бомбардирање на Либан и израелски копнен упад во јужните делови од земјата.


Целта на Израел беше да ја уништи воената инфраструктура на Хезболах и да ја ослабне неговата политичка моќ. Сепак, како и претходните конфликти и оваа војна се покажала неефикасна во постигнувањето на целите. Хезболах изведе низа изненадувачки и координирани напади, вклучувајќи употреба на ракети со долг дострел, што претставуваше сериозен предизвик за израелската војска.

Војната заврши без прецизен победник, но со големи разорувања на Либан и значајни политички последици за Израел. Хезболах преживеа воен удар и дури и ја засили својата политичка положба во Либан, додека Израел беше критикуван поради своите методи и резултати.

Историјата се повторува?

Најновата израелската офанзива која започна синоќа во Либан, претставува продолжение на долготрајните напнатости на јужната либанска граница. Овој пат израелските напади се насочени кон Хезболах, организацијата која со децении е најголем непријател на Израел во Либан. Имајќи ја предвид историјата на нивните конфликти, се поставува прашањето дали Израел може да фи оствари долгорочните цели или повторно ќе се соочи со проблемот како да се повлече од Либан.


Во текот на изминатите години, Хезболах изгради силна воена структура, поддржана од страна на Иран, и се покажа како особено отпорна. Секоја израелска офанзива, колку и да е прецизна, тешко дека ќе биде успешна без создавање на нови предизвици на теренот. Цивилните жртви, разорувањата и хуманитарните последици дополнително ја комплицираат ситуацијата, а политичкиот притисок врз израелска влада расте со секој нов конфликт.


Денес, со новата ескалација на конфликтот, историските лекции остануваат релевантни. Упадот во Либан, секогаш бил полесен дел од задачата, но повлекувањето од друга страна, е тешко и често проследено со човечки но и политички загуби.



Спонзорирани линкови

Маркетинг