Почина американскиот пејач, актер и текстописец Крис Кристоферсон

Макфакс

30/09/2024

09:35

2.760

Големина на фонт

а а а

Крис Кристоферсон, влијателниот американски пејач, актер и текстописец со низа хитови како што се Me and Bobby McGee и Help Me Make It Through the Night, почина во саботата на 88-годишна возраст, соопшти неговото семејство.

Портпаролот на семејството во неделата изјави дека Кристоферсон починал во својот дом во Мауи, Хаваи, опкружен со семејството, но не ја наведе причината за смртта. Кристоферсон беше ренесансен човек – спортист со поетски сензибилитет, поранешен воен офицер и пилот на хеликоптер.

Тој се проби во светот на музиката како текстописец во главниот град на кантри музиката Нешвил – напиша хитови како наградените со Греми Help Me Make It Through the Night, For the Good Times и Me and Booby McGee, еден од последните хитови на Џенис Џоплин.


Во раните 1970-ти, кога веќе се етаблирал како пејач, започнал и актерска кариера. Една од неговите најпознати улоги е во филмот A Star Is Born, заедно со Барбра Стрејсенд, кој беше еден од најпопуларните филмови во 1976 година.

Тој исто така играше главни улоги во хит филмовите Пет Гарет и Били Кид, Конвој и Небесна порта.

Кристоферсон е роден во Браунсвил, Тексас на 22 јуни 1936 година и често се преселувал бидејќи неговиот татко бил генерал во воздухопловните сили. По дипломирањето на колеџот Помона во Калифорнија, каде што играше фудбал и рагби, Кристоферсон присуствуваше на Универзитетот во Оксфорд, а потоа ја следеше семејната традиција со приклучување на војската.

Поминал низ елитното воено ренџерско училиште, научил да управува со хеликоптер и стигнал до чин капетан.

Кристоферсон стана домар во студиото „Колумбија рекордс“ затоа што тоа го гледаше како можност да ги понуди своите песни на познатите ѕвезди кои снимаат таму. Работел и како пилот на хеликоптер кој превезувал работници меѓу нафтените полиња во Луизијана и платформите на море.

Во тоа време тој напиша некои од неговите најнезаборавни песни, вклучувајќи ги Help Me Make It Through the Night и Sunday Morning Comin’ Down, кои станаа хит број 1 во САД кога ги изведе Џони Кеш.

Кристоферсон сними четири албуми во 1970-тите со Рита Кулиџ, втората од неговите три сопруги, и им се придружи на Нелсон, Кеш и Вејлон Џенингс во супергрупата за кантри музика „Хајвејмен“ во 1980-тите и 90-тите.


На врвот на кариерата живееше бурно. Имаше многу девојки и настапи на кои, како што рече подоцна, не можел да се сети бидејќи бил пијан.

Во своите 70-ти години почнал да го губи помнењето, што му го отежнувало настапот на концертите. И покрај тоа, тој остана активен, заминувајќи на турнеја во 2016 година, која вклучуваше настапи со Вили Нелсон и концерти во Европа.

Таа година го одбележа и својот 80-ти роденден со објавувањето на The Cedar Creek Sessions, албум со верзии во живо на неговите најпознати песни.