[ВИДЕО] Експлозии во рускиот магацин за муниција, Русите тврдат дека уништиле 101 дрон

Точка

21/09/2024

13:45

2.603

Големина на фонт

а а а

Руското министерство за одбрана тврди дека руските сили во текот на ноќта пресретнале и уништиле 101 украински, беспилотни авиони, додека експлозии биле забележени во магацините за муниција во Краснодарската и Тверска област.

Напад со беспилотен авион во округот Тихорецк во руската Краснодарска област предизвика детонација на експлозиви, извести регионалниот гувернер Вениамин Кондратјев, а пренесува „Kyiv Independent“.

Според „Washington Post“, во округот Тихорецк се наоѓа голем магацин за муниција, којшто мината година се проширил по добивањето на пратки со муниција од Северна Кореја.

„Остатоците од еден беспилотен авион предизвикаа пожар којшто се прошири. Почнаа детонациите“, изјави Кондратјев.

Локалното население е евакуирано

„Локалното население од подрачјата во близина на експлозијата е евакуирано и немаше жртви“, додаде Кондратјев. Иако, Кондратјев не прецизираше каде точно се случиле експлозиите, рускиот информативен канал на Телеграм – „Astra“ извести дека во нападот бил погоден магацин со муниција во Тихорецк.


Според „Astra“, магацинот со муниција во селото Октјабрски во Тверската област исто така бил погоден во текот на ноќта, а тој се наоѓа во близина на магацинот со оружје во Торопец, едниот од најголемите руски арсенали, којшто украинските беспилотни авиони го нападнаа на 18 септември.

Локалната влада во Тверската област извести дека во тој регион биле срушени неодреден број на беспилотни авиони, но не откри никакви детали во врска со последиците од нападот.

Според руското министерство за одбрана, 53 беспилотни авиони биле пресретнати над Брјанската област, 18 над Краснодарскиот регион, 16 над Азовското море, 5 над Калушката област и 9 над Курската и Смоленската област како и Крим под руската окупација. Меѓутоа, Украина не го коментираше нападот.