Корисниците бесни на "Apple": Се жалат дека новиот софтвер им ја "убил" батеријата на "iPhone"

Точка

18/09/2024

20:07

5.266

Големина на фонт

а а а

Ако ви звучи како да сте читале претходно за корисниците кои се жалат на траење на батеријата по надградбите на "iOS", во право сте.

Секој пат по објавувањето на новото големо софтверско ажурирање за мобилните уреди на "Apple", можеме да најдеме коментари на социјалните мрежи од незадоволни корисници кои имаат проблеми со побрзо празнење на батеријата. Оваа година не е исклучок. Имено, од оваа недела е достапна нова верзија на "iOS" на "Apple", мобилниот оперативен систем за "iPhone", кој носи, или треба да донесе големи промени, пред сè во форма на имплементација на вештачка интелигенција.

Сепак, како што веќе напишавме, "Apple" доста доцни со вештачката интелигенција и првите опции за вештачка интелигенција се очекуваат дури следниот месец, но не и на европскиот пазар, а корисниците во ЕУ и во Кина подоцна ќе можат да почнат да го користат "Apple Intelligence".


Тоа не значи дека "iOS18" без вештачка интелигенција не носи некои интересни промени и новитети, но за некои корисници кои меѓу првите го преземаа овој софтвер донесе и одредени проблеми. Некои од нив тврдат дека батеријата на "iPhone" им траела многу подолго пред да ја преземат таа верзија на оперативниот систем. Според некои, "iOS18" им ја „убил“ батеријата, додека се жалат и на прегревање на истата.

Сепак, ваквите поплаки се вообичаени кога станува збор за "Apple" и новите генерации на нивниот софтвер, а за нив се дискутира секој септември, односно секој пат кога ќе стане достапен нов "iOS". Причината е, како што објасни Адријан Кингсли-Хјуз од "ZDNet", дека секогаш кога ќе се инсталира ново ажурирање на "iPhone", во позадина се активираат голем број нови работи – од индексирање до рекалибрација на батеријата. Ваквите работи трошат многу енергија, а рекалибрацијата на батеријата може да остави впечаток дека се троши многу побрзо, што во суштина не е точно.


За да се реши овој проблем, се советува да се рестартира самиот уред и да се надградат апликациите, додека во некои случаи проблемот ќе се реши сам по целосната надградба. Исто така, понекогаш треба да чекате ново ажурирање на софтверот за да ги вратите работите во нормала што се однесува до траењето на батеријата.

Новата верзија на оперативниот систем на "Apple" е компатибилна со "iPhone XR" и поновите верзии, но треба да се нагласи дека вештачката интелигенција на "Apple" сепак ќе биде достапна само на најновата генерација на нивните телефони (16 и 16 Pro) и на "Pro" верзиите на "iPhone 15".