Татко и син од Италија казнети се со 60 милиони шрилански рупии (200.000 долари), бидејќи се обиделе да прошверцуваат стотици ендемски инсекти – вклучувајќи 92 видови пеперутки од сафари паркот.
Ренџерите од националниот парк „Yala“ ги уапсиле, Луиџи Ферари (68) и неговиот дваесет и осумгодишен син, Матија, на осми мај годинава, откако кај нив биле пронајдени садови со инсекти. Истрагата покажала дека мажите ги намамиле инсектите со животински привлечни материи и планирале да употребат вреќи со восок, за хемиски да ги сочуваат инсектите.
На почетокот од септември тие се осудени поради илегално собирање, поседување и превоз на инсекти, и им беше изречена највисока казна за кривични дела против дивите животни во земјата, пренесува „ББС“.
Во багажникот имале стотици тегли со инсекти, коишто починале
Еден од чуварите на паркот, Суџева Нишанта, изјави за „ББС“ дека, на денот на инцидентот возач на сафари џип го известил неговиот тим дека на улицата има паркирано сомнително возило, и дека двајцата мажи коишто биле во него, отишле во шумата со мрежи за инсекти.
Ренџерите го лоцирале автомобилот и во багажникот пронашле стотици тегли со инсекти. „Сите инсекти веќе беа умрени кога ги пронајдовме. Тие ставале хемикалии во теглите“, изјави Нишанта.
Во теглите биле пронајдени повеќе од 300 мртви инсекти, а двајцата мажи на почетокот добиле 810 обвиненија, но подоцна биле намалени на 304, и сега можат да се соочат со казна затвор од две години доколку не ја платат казната до 24 септември.
„Казната од 200.000 долари е предупредување за криминалците, но и добар преседан
Италијанските медиуми наведуваат дека мажите во периодот кога се обиделе да ги прошверцуваат инсектите биле на одмор во Шри Ланка и дека по инцидентот биле задржани во земјата. Националниот парк „Yala“ е сместен на југоистокот од земјата, и еден од најпопуларните паркови за диви животни во Шри Ланка, којшто е дом на голем број животни, вклучувајќи ги леопардите, слоновите и биволите.
Луиџи Ферари, ортопедскиот хирург, специјализиран за лекување на повреди на стапалата и глуждовите, пријателите го опишуваат како љубител на инсекти, пишуваат италијанските медиуми.
Неговите пријатели и колеги од Италија, во негово име упатија молба до властите во Шри Ланка за намалување на неговата казна, а некои од нив изјавија дека пронајдените пеперутки кај Луиџи немале комерцијална вредност, известува италијанскиот весник „Corriere della Sera“.
Доктор Џагат Гунавардена, експертот за еколошко право, изјави за „ББС“, дека казната од 200.00 долари е предупредување за криминалците, но и добар преседан.