Израелците ја пронајдоа својата нова „ветена“ земја: Масовно се населуваат и вложуваат милијарди

Точка

03/10/2026

20:52

730

Големина на фонт

а а а

Нестабилната ситуација во Израел и долготрајното чувство на несигурност по нападот на 7 октомври 2023 година и војните што следуваа поттикнаа сè поголем број Израелци да се свртат кон Република Кипар.

За многумина, блискиот остров од место за одмор и инвестиции се претвора во место за трајно населување, а во некои случаи и во „План Б“ доколку ситуацијата во Израел се влоши. Токму така својата одлука во разговор за „Дојче веле“ ја опишале некои Израелци кои сакале да останат анонимни.

„Сакам да имам План Б во случај ситуацијата во Израел да стане потешка“, изјавил еден Израелец кој неодамна купил куќа во голем станбен комплекс во кипарскиот округ Лимасол.


Друг ги посочил предностите на Кипар: „Летот трае 40 минути, пејзажот е ист, климата е иста. Како да сте во Израел, а всушност не сте таму“.

Трет го поврзал своето преселување со бизнисот, посочувајќи дека многу израелски компании префрлиле дел од своето работење на Кипар, што им го олеснува деловното работење со земјите членки на ЕУ.

Постојани и повремени нови жители

Република Кипар има помалку од еден милион жители. Според проценките што ги наведуваат израелските медиуми, најмалку 3.000 израелски семејства сега трајно живеат на островот, а нивниот број секоја година се зголемува за неколку стотици.

Израелските медиуми, исто така, пишуваат за десетици илјади Израелци кои таму купиле недвижности. Весникот „Israel Hayom“ објави дека околу 20.000 Израелци поседуваат недвижност на Кипар, иако не живеат таму во текот на целата година.


Податоците од кипарскиот катастар, презентирани пред парламентот, покажуваат дека во периодот од 2021 до 2024 година, само во крајбрежните окрузи Ларнака, Пафос и Лимасол биле регистрирани вкупно 3.851 пренос на сопственост на израелски купувачи.

Проекти зад кои стојат Израелци

Но, израелскиот интерес за Кипар не се ограничува само на станови и викенд-куќи – тука се и земјиштата, туристичките проекти и големите инвестиции. Еден од најистакнатите примери е израелската хотелска групација „Фатал“, чии инвестиции на Кипар се проценуваат на стотици милиони евра и опфаќаат хотели во Лимасол, Пафос и Ларнака.

Во Ларнака, зад обновата на историскиот хотел „Палм Бич“ исто така стојат инвеститори поврзани со Израел. Станува збор за инвестиција вредна повеќе од 110 милиони евра. Израелски инвеститори стојат и зад проектот „Аква Резиденсес“, вреден околу 40 милиони евра, кој предвидува изградба на две кули од по 15 катови веднаш покрај брегот.


Во округот Лимасол, израелски инвеститор планира повторно да го оживее Трозена, село кое со децении е напуштено, преку обнова на околу 60 куќи и развој на туристички содржини, камп и винарија.

Проектот, кој се наоѓа во рамките на заштитеното подрачје Натура 2000, предизвика противење и истрага од надлежните институции, откако дел од работите започнале без потребните дозволи за планирање и градба.

Знаци на сè потрајно присуство

Истовремено, се проширува и понудата наменета за израелската заедница, како што се места за богослужба, компании и услуги за Израелци, на пример ресторани што нудат кошер-храна. Покрај патиштата можат да се забележат и реклами и политички плакати на хебрејски јазик. Минатото лето, покрај кипарските автопатишта се појавија и предизборни плакати за партијата „Јашар“ на Гади Ајзенкот, наменети за израелските гласачи.


Можеби најјасен показател дека израелското присуство станува сè потрајно е планираното отворање приватно еврејско училиште во близина на Лимасол, со капацитет до 1.500 ученици.

Потсетува на приливот на руски капитал по 2013 година

Сето ова поттикна политичка дебата за странските инвестиции и пошироко за сопственоста на недвижности. Многумина ова ги потсети на искуството со огромниот прилив на руски капитал, кој се забрза откако Кипар по финансиската криза во 2013 година ја прошири својата програма за стекнување државјанство врз основа на инвестиции.

Некои од најострите политички критики дојдоа од Стефанос Стефану, генерален секретар на Кипарската напредна партија на работниот народ (АКЕЛ), и Фидиас Панајоту, пратеник во Европскиот парламент и лидер на партијата „Директна демократија“.


АКЕЛ е главната левичарска партија на Кипар и во моментов е во опозиција. Стефану предупреди на неконтролираната продажба на кипарско земјиште на странци, особено осврнувајќи се на купувањата од Израелци и на, како што го опишал, создавањето затворени станбени заедници со сопствена инфраструктура.

Панајоту отишол чекор понатаму, тврдејќи дека „Израел го купува Кипар“ и предупредувајќи дека кипарската економија ризикува да стане претерано зависна од израелскиот капитал.

Овие изјави предизвикаа остра реакција од израелска страна. Израелскиот амбасадор на Кипар, Орен Анолик, ги отфрлил тврдењата за прекумерно израелско влијание, посочувајќи дека илјадниците Израелци кои живеат и работат на островот станале дел од неговото општествено и економско ткиво.


Тој, исто така, предупредил дека издвојувањето на одредена националност и повикувањето на стереотипи за „странска економска моќ“ може да поттикне антисемитизам.

Владата сака да привлече странски инвестиции

Кипарската влада го постави привлекувањето странски инвестиции како еден од клучните економски приоритети, при што претседателот Никос Христодулидис повеќепати ја истакнал целта Кипар да се позиционира како атрактивна дестинација за меѓународните инвеститори.

Кога станува збор конкретно за израелските инвестиции, изјавата на поранешниот министер за енергетика и трговија Џорџ Папанастасиу го покажува пристапот на владата.


Говорејќи во 2025 година, додека сè уште бил на функција, Папанастасиу изјавил дека владата со задоволство забележала оти „израелски бизнисмени се присутни во многу сектори на кипарската економија“, меѓу кои туризмот, технологијата, енергетиката, здравството и недвижностите.

Дебата во парламентот

Дебатата сега стигна и до парламентот и се прошири на купувањето недвижности од страна на државјани на трети земји воопшто. Пратениците разгледуваат законски предлози на двете најголеми партии во земјата, левичарската АКЕЛ и партијата на десниот центар Демократски собир (ДИСИ), чија цел е да се воведат ограничувања за купување земјиште од страна на државјани на земји што не се членки на ЕУ.

Еден од предлозите го поднел пратеникот од ДИСИ, Никос Георгиу. Во разговор за ДВ тој рекол дека „во последните години купувањето земјиште од страна на странски државјани достигна досега невидени размери“, што влијае врз „демографскиот состав, вредноста на земјиштето и, во некои случаи, националната безбедност“.


Георгиу нагласил дека неговиот предлог „не е насочен против која било земја или нејзините граѓани“, додавајќи дека дебатата треба да се води „без ширење страв и без реторика насочена против граѓаните на која било трета земја“.

АКЕЛ поднесе сличен законски предлог. Во разговор за ДВ, пратеникот на АКЕЛ Јоргос Кукумас изјавил дека неговата партија го иницирала прашањето за масовното и неконтролирано купување недвижности од страна на странски државјани, бидејќи тоа е „еден од факторите што ги доведува цените на недвижностите до ниво на кое за просечниот Кипранец станува невозможно да купи, па дури и да изнајми дом во урбаните центри на земјата“.

Тој, исто така, укажал на загриженоста што, како што рекол, постои кај значителен дел од кипарското општество, конкретно во врска со купувањата од страна на Израелци.

Таа загриженост, како што рекол: „Очигледно се однесува на реалноста на широко распространетото преземање големи компании и купување големи површини земјиште од страна на Израелци, на последователните извештаи во израелските медиуми во кои се зборува за создавање ’втор Израел на Кипар‘, во комбинација со присуството на израелските разузнавачки служби на нашиот остров и односите со Израел во областа на одбраната и безбедноста, кои кипарската влада во последните години ги унапредуваше“.