Работна средба на министерот за правда, Игор Филков, со директорот на УИС, Александар Пандов, и директорите на затворите во земјата

Макфакс

12/09/2024

15:39

563

Големина на фонт

а а а

Во тренинг-центарот на КПУ „Идризово“, министерот за правда Игор Филков одржа работна средба со директорот на УИС, Александар Пандов, директорите и со заменик-директорите на сите затворски институции во државата.

Состанокот беше фокусиран на согледување на фактичката состојба и проблемите со кои се соочуваат затворските институции. Проблемите се детектираат, пред сѐ, во просторните услови на институциите, недостигот на вработени како од безбедносните служби така и во делот за ресоцијализација на осудениците. Предочен беше и проблемот со недостигот на финансиски средства за затворање на 2024 година, кој останува и покрај ребалансот на буџетот, недостигот на возила за спровод на обвинети лица и потребата од дигитализација на институциите.


Се дискутира и за извештајот на Комитетот за превенција на тортурата при Советот на Европа за 2023 година, при што беше укажано да се земат предвид нивните забелешки за надминување на недостатоците што се констатирани.

На средбата беше договорено да се интензивираат ваквите состаноци со цел да се изнајдат решенија за брзо надминување одредени проблеми користејќи меѓународна помош, но и јакнење на буџетот на УИС заради непречено функционирање на затворските институции, како и користење на пробацијата и другите алатки за условен отпуст на затворениците.

Министерот за правда Игор Филков ја искажа заложбата и посветеноста на Владата за надминување на сите проблеми и подигнување на капацитетите на затворските институции со цел подобрување на условите водејќи грижа за правата на затворениците и нивна ресоцијализација во општеството.



Спонзорирани линкови

Маркетинг