Во новиот документарен филм, манекенката Линда Еванџелиста се осврна на нејзината изјава од 1990 година, која многумина ја сметаа за скандалозна и врв на ароганцијата.
Имено, новинарот на „Vogue“ Џонатан Ван Метер изјавил дека Линда тој ден доцнела на интервјуто еден час. Кога конечно пристигнала, ја прашал колку заработува.
„Не стануваме од кревет за помалку од 10.000 долари дневно“, одговорила Линда, мислејќи и на нејзините колешки како Наоми Кембел, Синди Крафорд и други.
Џонатан додал дека набргу потоа му се јавила уредничката Ана Винтур и му рекла дека воопшто не ѝ се допаѓа нејзината изјава. Сепак, тој успеал да се избори интервјуто да биде објавено.
Линда, која одамна ретко се појавува во јавноста, изјави дека жали што ја дала оваа изјава пред 34 години и додала дека реакциите многу влијаеле на неа.
„Немав поим дека ќе привлече толку големо внимание. Не сакам да бидам позната по тоа. Направив многу повеќе од таа изјава и таа навистина ме следи“, вели манекенката.