Од септември мобилните телефони се забранети во училиштата: Оваа соседна земја воведува смели правила – казни и суспензии од настава

Точка

03/09/2024

19:21

5.058

Големина на фонт

а а а

Учениците ќе мора да ги чуваат мобилните телефони во ранците за време на наставата, според новите правила кои Грција ги воведе од септември.

Грција воведува нови правила и систем на казни кои претставуваат проширување на правилата што ги најави министерот за образование Киријакос Пјеракакис уште во март, а кои предвидуваат исклучување на учениците од училиште поради снимање на своите врсници и нивно исмевање на интернет, сè со цел сузбивање на сајбер насилството.


Учениците во училиштата во Грција ќе треба да ги чуваат мобилните телефони во ранците за време на наставата кога новата учебна година ќе започне на 11-ти септември. Новите правила беа објавени по состанокот меѓу премиерот Кирјакос Мицотакис и министерот за образование Киријакос Пјеракакис.

„Учениците можат да ги носат своите мобилни телефони на училиште, но мора да ги чуваат во училишните ранци во текот на целиот училишен ден“, рече Мицотакис во саботата во Атина додека ја најавуваше кампањата „Мобилен телефон во училишна торба“.

„Неспорни се научните податоци за тоа како користењето мобилни телефони во текот на училишниот ден влијае на самиот процес на учење. Од одвлекување на вниманието до други важни прашања, јасно е дека мобилните телефони немаат место во училиштата во текот на училишниот ден“.

Според новите правила, учениците кои нема да ги почитуваат овие правила ќе бидат суспендирани од училиште на еден ден. Во случај на повторени прекршоци, наставниците имаат овластување да ги отстранат учениците од часови неколку дена. Секој што ги снима своите врсници или наставници без дозвола може да се соочи со исклучување од училиште.

„Ние не очекуваме целосно почитување на правилата од првиот ден, но сакаме децата, нивните родители и наставниците да ја разберат важноста учениците да бидат целосно фокусирани на образовниот процес на училиште“, рече Мицотакис.


Ова е првпат во Грција да се воведе широк систем на казни за да се спречи употребата на мобилни телефони во училиштата, што властите го нарекоа „значително одвлекување на вниманието“.

Претходно имаше општа забрана за употреба на мобилни телефони во училиштата, која датира од 2002 година, но наставниците тврдеа дека им било тешко да ја спроведат.

Портпаролот на синдикатот на средношколските наставници ОЛМЕ изјави дека е важно да се работи на убедување на учениците да ги исклучат телефоните, а не само да им се закануваат со казни.

Регулативите доаѓаат една недела откако мобилните телефони беа забранети во 373 училишта во Валонија, Белгија.



Спонзорирани линкови

Маркетинг