Перински во посета на Дебар и Центар Жупа: Со инвестиција во патната инфраструктура создаваме услови за развој на руралниот туризам

Макфакс

02/09/2024

14:10

478

Големина на фонт

а а а

Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, и директорот на Бирото за регионален развој, Даут Мемиши, денеска ги посетија општините Дебар и Центар Жупа, кои се партнери во проектот за реконструкција на патната инфраструктура со цел за подобрување нa туристичката понуда во Југозападниот Плански Регион. На посетата присуствуваше и директорот на Центарот за развој на Југозападниот Плански Регион, Ваљон Каба.

„Соодветната патна инфраструктура е од исклучителна важност за развојот на општините. Дебар и Центар Жупа изобилуваат со природни убавини и културно-историски споменици. Новата современа инфраструктура ќе ги направи овие локации подостапни и ќе создаде услови за развој на руралниот туризам овозможувајќи подобро туристичко искуство за домашните и странските посетители. Верувам дека со успешната реализација на проектот регионот ќе стане попосетен, а локалната инфраструктура ќе придонесе за поефикасен и непречен транспорт на туристи, како и за поддршка на локалната економија и туризмот“, истакна министерот Перински.

Со проектот направена е реконструкција на улицата 206 во населбата Венец во Дебар, активност за која Бирото од жпрограмата за рамномерен регионален развој одвои средства во износ од 1.524.107 денари, а за реконструкцијата на локалниот пат до село Мал Папрадник во општина Центар Жупа се обезбедени средства во износ од 9.177.930 денари.

„Патната мрежа и општинската локална инфраструктура е од особено значење за давање квалитетни туристички услуги од страна на локалните фактори. Таа е клучна за поефикасен, побрз и непречен транспорт на туристи, локалното население и транспорт на добра поврзани со локалната економија и туризмот. Непреченото и квалитетно туристичко искуство и доживување се од исклучително значење за туристичката и другите сродни економски дејности и активности во Југозападниот Плански Регион“, изјави директорот на Бирото за регионален развој, Даут Мемиши.

Дебарското Езеро, познато и како Шпиље, е важен природен ресурс во регионот, кој со својата убавина и околина го позиционира овој крај на мапата на бањскиот туризам. Општините Дебар и Центар Жупа активно работат на развојот на туризмот, а геотермалните извори во Бањишта и Косоврасти додаваат дополнителна вредност придонесувајќи за привлекување туристи.

„Со гордост гледам на успешната реализација на проектот, кој значително го подобрува целокупното функционирање на регионот. Особено сме задоволни што Дебарското Езеро и геотермалните извори во Бањишта и Косоврасти се искористени како важни ресурси за развој на туризмот и бањскиот туризам,“ изјави директорот на Центарот за развој на Југозападниот Плански Регион, Ваљон Каба.

Градоначалникот на општина Дебар, Хекуран Дука, и градоначалникот на општина Центар Жупа, Аријан Имбраим, исто така присуствуваа на средбата и изразија задоволство од реализацијата на проектот и резулатите од имплементираните активности.



Спонзорирани линкови

Маркетинг