По седумте победи во првите десет трки, малку кој веруваше дека титулата на Макс Ферстапен некогаш ќе биде доведена во прашање, но како што тече развојот на настаните во Формула 1, многу лесно може да се дојде до нависитна неизвесна завршница која никој не ја очекуваше.
Ред Бул изгледаше навистина лошо во Италија и Ферстапен беше инфериорен во однос на болидите на Мекларен, Ферари и Мерцедес, па сегасветскиот шампион и одговорните лица од Милтон Кејнс имаат сериозна „домашна задача“ пред трката во Баку за две недели.
Ландо Норис вчера ја намали негативата и сега има 62 бода помалку од првопласираниот Ферстапен, но далеку позагрозена е конструкторската титула, за која сега апсолутен фаворит е Мекларен и покрај актуелната негатива од осум бода.
– Имавме многу лоша трка и имавме проблем и со моторот. Пред трката во Баку, ќе мора да промениме многу нешта. Всушност, ќе мора да го промениме цел болид, – изречно изјави Ферстапен по трката на која заврши на шестото место.
– Ако оставиме вака и не промениме ништо, нема да си поминеме добро до крајот на сезоната. Имаме многу работа пред себе, мора да реагираме и да направиме промени.
– Титули? Болидот е неуправлив во моментов, немаме никаков баланс и мора да промениме се. Минатата сезона го имавме најдобриот болид, најдоминатниот болид во историјата. Од тогаш до сега создадовме чудовиште кое не се управува. Ако не го промениме тоа, двете титули ќе бидат нереални за нас до крајот на сезоната, – изјави Ферстапен.