[ВИДЕО] Пациентката која починала вчера имала акутна леукемија, Таравари тврди дека нема докторска грешка

Макфакс

19/08/2024

12:39

1.746

Големина на фонт

а а а

Починатата пациентка имала акутна леукемија и била инфицирана со ковид-19, изјави министерот за здравство, Арбен Таравари, кој тврди дека докторска грешка не е причина за смртта, а пациентката била лекувана на Клиниката за Хематологија со сите протоколи.

Се работи за жена на 48 годшина возраст.

„Информиран сум дека за пациентката е консултиран и анестезиолог и инфектолог, нема лекарска грешка, даден е целосен третман. Треба да знаеме од што починала пациентката. Кај акутна леукемија следува тежок период по добиена терапија. Гарантирам дека пациентката е третирана по сите протоколи“, рече Таравари одговарајќи на новинарски прашања.

Министерот ги отфрли обвинувањата дека пациентката починала оти не била примена во Инфективната клиника каде се реновира ургентниот дел.

„Оддели за интензивна нега има скоро на сите клиники, респиратори има скоро на сите клиники. Јас не знам за некој случај дека пациент е вратен од некоја установа“, рече Таравари.

СДСМ побара истрага и одговорност за смртта на пациентката, обвинувајќи дека иако била во лоша состојба првин не била примена на интензивна нега во Инфективната Клиника, а не била примена ниту на Карил, по што починала.

„Министерот Таравари да не чека како што чекаше вчера туку веднаш да преземе мерки за целосно расчистување на случајот. Но и за средување на состојбата на Инфективна клиника за да не се случи нова жртва“, изјави портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, одговарајќи на новинарски прашања.

Ги повика и директорите на Карил и Инфективната клиника да излезат пред јавноста и да одоговорат зошто не била примена пациентката.