На социјалните мрежи се појави импресивна снимка од внатрешноста на вилата на легендарниот кошаркар Мајкл Џордан, но којашто со години не може да ја продаде.
Оваа голема вила во Чикаго била изградена според вкусот на Мајкл каде што тој уживаше во текот на неговите кошаркарски денови. Но пред повеќе од една деценија тој одлучи да ја продаде оваа вила, меѓутоа никогаш не успеа во таа намера.
Првата цена на вилата изнесувала 29 милиони долари, но оттогаш цената се намалувала неколку пати, а моменталната цена на вилата е 14 милиони долари.
Вилата има девет спални соби, 15 бањи, павилјон со базен, затворен кошаркарски терен со логото на „Чикаго Булс“, библиотеки, барови, оригинална врата од „Плејбој“ вилата, гаража со 14 автомобили, а посебен впечаток остава бројот „23“ на Џордан, кој е поставен на влезната порта.
На социјалните мрежи беше објавена снимка од внатрешноста на вилата којашто ги импресионираше многумина. Снимката започнува со влегување низ главната порта на вилата, а понатаму се прикажани луксузниот мебел, лустерите, внатрешниот кошаркарски терен, теретаната и сауната. На снимката може да се види и изгледот на едната од спалните соби како и киното.
Меѓутоа на многумина не им е јасно зошто Џордан со години безуспешно ја продава оваа луксузна вила, но маркетинг експертите претпоставуваат дека причината за тоа, е тоа што легендарниот кошаркар премногу „персонализирано“ ја изградил оваа вила и ја приспособил кон своите желби, така што потенцијалниот купувач ќе треба да вложи многу пари за да ја реновира според својот вкус.