Доколку сакате да „одите на сигурно“, но сепак да направите нешто поинакво, корпичките со шунка и кашкавал се идеалниот избор за вас. Многу лесно се прават, а во нив ќе уживаат сите кои се љубители на брзата храна.
Рецептот е објавен на ТикТок од страна на блогерката за храна Марија Мазалин, која наведува дека доколку сакате корпичките да бидат со иста висина, треба да го исечете помфритот на еднаква должина.
Потребни состојки:
- 2 килограми замрзнат помфрит
- 4-5 лажици масло
- една лажица микс зачини за компири
- 200 грама кашкавал
- 200 грама шунка
- една лажица кечап
- една лажица мајонез
Подготовка:
Во сад изрендајте ги шунката и кашкавалот, па додајте мајонез и кечап. Во друг сад измешајте го замрзнатиот помфрит со маслото и миксот зачини за компири.
Земете калап за мафини и намастете го. Вклучете ја рерната на 200 степени и оставете да се загрее. За тоа време помфритот наредете го вертикално по рабовите на секој од калапите, исечете дел од помфритот и наредете го на дното од калапите.
Потоа наполнете ги корпичките со смесата од кашкавал и шунка. Доволна е околу една полна лажица по корпичка. Одозгора можете да додадете уште малку кашкавал. Ставете ја тавата во рерна и печете 20 минути или додека помфритот не порумени.
По печењето оставете да се изладат и вадете ги корпите така што прво нежно ќе ги одвоите краевите со нож, а потоа и дното. Колку повеќе се изладени, толку е полесно да ги извадите од калапите.