Згаснува ли легендарниот италијански автомобилски бренд? „Ако не донесе заработка...“

Точка

30/07/2024

14:16

13.945

Големина на фонт

а а а

Групата Стелантис презема чекори за да ја подобри послабата продажба и високите резерви во САД, и нема да се двоуми да укине одредени брендови во своето големо портфолио, изјави в четврток извршниот директор на групата Карлос Таварес.

Ова е еден вид на предупредување за брендовите – губитници, наведуваат од Ројтерс. Потсетуваме Стелантис настана со спојување на италијанско – американскиот произведувач на автомобили Фиат Крајслер и францускиот ПСА и содржи 14 брендови, вклучувајќи ги Масерати, Фиат, Пежо, Цитроен, Опел, Алфа Ромео, ДС и Џип.


Брендови коишто не заработуваат

„Ако не носат пари, ќе ги згаснеме“ изјави Карлос Таварес, откако овој четврти светски производител на автомобили, во првата половина од годината постигна резултати полоши од очекуваните, поради што и неговите акции паднаа за повеќе од 10%. „Не можеме да си дозволиме да имаме брендови кои не заработуваат“, додаде Таварес.

Групата сега размислува за кинескиот Леапмотор за свој 15 бренд, откако претходно договорија широка соработка. Стелантис не објавува бројки за поединечни брендови, освен за Масерати којшто во првата половина од годината пријави 82 милиони евра оперативна загуба.


Некои аналитичари велат дека токму Масерати би можел да биде мета на продажба од страна на Стелантис, додека другите брендови можеби ќе бидат во помала опасност од продажба со оглед на нивниот маргинален придонес кон вкупната продажба на Стелантис.

Акциите на Стелантис в четврток, на берзата во Милано паднаа за дури 12, 5% достигнувајќи најниско ниво од август 2023 година. Тоа ја зголемува загубата за оваа година за 22% и ја прави компанијата најнеуспешна помеѓу главните европски производители на автомобили.


Пристигнуваат 20 нови модели

Малку автомобилски брендови згаснаа откако американскиот Џенерал Моторс го исфрли непрофитабилниот бренд Сатурн и Понтиак во период на банкрот, под водство на американската влада во текот на глобалната криза во 2008 година.

Стелантис планира да лансира 20 нови модели оваа година за кои се надева дека ќе ја зголемат профитабилноста.

Неодамнешните лоши резултати на глобалните произведувачи на автомобили ја зголемија загриженоста поради слабеењето на продажбата на главните пазари како што е САД, додека балансираат помеѓу преминот на електрични возила и растечката конкуренција од евтини кинески конкуренти.

Таварес пак е задоволен со резултатите во Европа. „Сметаме дека работата во Европа е завршена, но работата во САД не е, и ние сега ќе се погрижиме за тоа“, кажа Таварес.