Улогата на покојниот принц Филип, сопругот на кралицата Елизабета Втора, долго време била предмет на шпекулации во еден од најозлогласените скандали на 20 век.
Сега „Daily Mail“ открива дека тајните документи на ФБИ докажуваат дека војводата од Единбург сосема извесно бил вклучен во таканаречената афера „Профумо“ од почетокот на 60-тите години на минатиот век, кога секс скандал ја срушил британската влада.
Расплетот на аферата „Профумо“ започнал во март 1963 година, кога британскиот државен секретар за војна Џон Профумо, инаку оженет, негирал дека во текот на 1961 година имал сексуална врска со тогаш 19-годишната тинејџерка Кристин Килер. Но, набрзо се појавиле конкретни докази за нивната афера, па веќе во јуни истата година, Профумо бил принуден да поднесе оставка.
Како воопшто се дознало за аферата на атрактивната, млада Кристин и речиси 30 години постариот политичар?
Профума, во 1961 година бил запознаен со Кристин на забава, од страна на заеднички познаник – влијателен лондонски остеопат, Стивен Вард, за кој се шпекулирало дека наоѓал атрактивни девојки за тогашниот политички естаблишмент.
Кристин Килер и Профумо влегле во петмесечна афера, а таа во тој период, како и пред тоа, живеела со Ворд во неговиот стан, но и во неговата куќа на имотот во Кливленд – иако наводно немале сексуални односи.
Романсата меѓу политичарот и младата Британка завршила, но следната година, во декември 1962 година, дечкото кој го оставила зад себе испукал седум истрели во куќата на Стивен Ворд.
Во меѓувреме, благодарение на неговата поврзаност со Кристин и целиот случај, Стивен Ворд се соочил со правни обвиненија за неморал. Таа не била ниту проститутка ниту ескорт дама, но било јасно дека живее од великодушноста на богатите мажи – а таквото однесување, во тоа време, едноставно било цензурирано. Во средината на скандалот, Ворд бил уапсен и формално обвинет за живеење од неморални заработувачки – обвинение за кое, колку и да бил развратен, имало малку докази. Само три дена откако официјално бил осуден, си го одзел животот со намерно предозирање.
Која е поврзаноста на принцот Филип со целата приказна?
Во строго чуваните документи на ФБИ, кои дури сега се објавени, тврдењата за принцот Филип ги изнесува Томас Корбали, американски бизнисмен вклучен во индустриска шпионажа, кој иницијално се согласил да биде испрашуван од ФБИ за неговото пријателство со Стивен Ворд.
Во доверливиот документ испратен до американската амбасада во Лондон на 20 јуни 1963 година пишувало: „Корбали исто така навел дека се зборува како принцот Филип можеби бил поврзан со овие две девојки“. Кога е напишано „овие две девојки“ се мислело на гореспоменатата Кристин Килер, како и Менди Рајс-Дејвис, нејзината пријателка и уште една девојка која Ворд наводно ја запознал со тогашните моќници.
Да потсетиме, вмешаноста на Филип во аферата „Профумо“ е една од клучните приказни во втората сезона на популарната серија „The Crown“, која го следи животот на британското кралско семејство. Во серијата, сер Ентони Блант, уметнички куратор на кралицата, за кој подоцна се дознава дека е советски шпион, го предупредува Филип дека ќе ја разоткрие неговата врска со Ворд кога војводата ќе го фати предавството.
Сигурно е дека принцот Филип во неколку наврати бил во контакт со Ворд, а уметникот дури и го скицирал во Бакингемската палата. Меѓутоа, во разговорот со ФБИ, Корбали истакнал дека не верува во обвинувањата против Ворд.