[ВИДЕО] Неверојатно изненадување на Марс: Роверот на НАСА прегази карпа, се појави нешто што досега не е видено

Точка

19/07/2024

10:25

19.922

Големина на фонт

а а а

Ова е како да се најде оаза во пустина, изјави научникот на НАСА, Ешвин Васавада.

Научниците на американската агенција НАСА ги дочекало вистинско изненадување кога роверот "Curiosity" прегази карпа на Марс, која потоа пукнала и открила нешто што досега не е видено на Црвената планета – жолти сулфурни кристали.

Од 2023 година, "Curiosity" истражува регион на Марс богат со сулфати, соли кои содржат сулфур и се формираат кога водата испарува. Меѓутоа, иако претходно беа откриени минерали со мешавина од сулфур и други материјали, карпата што сега ја откри роверот е направена од чист сулфур. Не е јасно каква е врската меѓу чистиот сулфур со минералите на база на сулфур во областа, соопшти НАСА.

"Curiosity" на 30 мај наишол на карпата, а потоа открил цело поле со слични карпи.

- Откривањето на поле со чисти сулфурни камења е како откривање на оаза во пустина. Не би требало да постои таму, па сега треба да објасниме како е тоа така. Откривањето на чудни и неочекувани работи е она што го прави планетарното истражување толку интересно – изјави Ешвин Васавада, научник на проектот "Curiosity" во лабораторијата за млазен погон на НАСА.

Тоа е едно од неколкуте откритија што роверот ги направил откако е во каналот Гедиз Валис, во близина на планината Шарп висока пет километри. "Curiosity" беше испратен таму специјално за да го испита каналот, за кој се верува дека настанал во време кога Марс имал течна вода.

"Curiosity" е ровер што НАСА го лансираше на Марс во 2011 година. Тој слета во кратерот Гејл на 6 август 2012 година и оттогаш ја истражува Црвената планета.