Марин Ле Пен ја обвини Русија, а го нападна и Килијан Мбапе

Точка

05/07/2024

20:55

5.848

Големина на фонт

а а а

Лидерот на партијата за Национален собир Марин ле Пен ја обвини Русија за провокација и мешање во работите на Франција по објавувањето на нејзина фотографија на страницата на руското министерство за надворешни работи.

„Народот на Франција тежнее кон суверена надворешна политика на државата која одговара на нивните национални интереси и сака да се ослободи од диктатот на Вашингтон и Брисел. Француските службеници нема да можат да ги игнорираат овие длабоки промени во ставовите на големото мнозинство на граѓаните“, објавило на својот официјален профил на социјалната мрежа „X“ министерството за надворешни работи на Русија со фотографија од Марин ле Пен.

Лидерот на екстремната десница остро реагираше на тој потег на Москва.

„Таков провокативен твит може да се смета за облик на мешање во работите на Франција“, одговорила Ле Пен за ТФ1 на прашањето за влијанието на Руската Федерација на нејзината партија.

Исто така рекла дека Москва не би објавила таква порака ако е заинтересирана за победа на нејзината партија.

Ле Пен нагласила и дека претставници на нејзината партија и таа лично во текот на предизборната кампања „прилично јасно изразиле поддршка за Украина“, а посебно се изјасниле против праќање на француска војска во таа земја.

Националниот собир, потсетуваме, победи во првиот круг на изборите за францускиот парламент. Вториот изборен круг ќе се одржи следната недела.

Неодамна беше објавено и дека Ле Пен преговара за обединување во Европскиот парламент со унгарскиот премиер Виктор Орбан.

Мбапе не е репрезентативен

Ле Пен дел од својот гнев во текот на интервјуто го насочила и дома. Го нападнала Килијан Мбапе, кој последните недели ги повторуваше критиките на сметка на крајната десница.

Мбапе им се приклучи на повеќето познати личности оваа недела во повикувањето на гласачите да се мобилизираат за да ја задржат крајната десница подалеку од власта.

„Постои итен случај. Не можеме да ја оставиме нашата земја во рацете на овие луѓе“, рекол Мбапе во четвртокот, по убедливиот резултат на Националниот собир во првиот круг. „Навистина е итно. Мислам дека ги видовме резултатите, тоа е катастрофално“.

Ле Пен ги отфрлила неговите коментари, отфрлајќи ги го како нерепрезентативен.

„Французите се сити од предавања и советувања како да гласаат“, рекла Ле Пен за „CNN“.

„Мбапе не ги претставува Французите со имиграциско потекло, бидејќи ги има многу повеќе кои живеат од минимална плата, кои не можат да си дозволат сместување, не можат да си дозволат греење, отколку луѓе како господинот Мбапе“, рекла таа.




Спонзорирани линкови

Маркетинг