Најновата туристичка реклама за Осло е хит на интернет. Халфдан, жител на норвешката престолнина, е главната ѕвезда на оваа реклама, која беше објавена на мрежата ТикТок.
„Да бидам искрен, не би дошол овде. Дали е ова воопшто град? Сè е толку достапно. Овде пораснав и моментално живеам. За жал“, започнал 31-годишниот Халфдан.
„И не разбирам зошто луѓето пливаат. Среде град. Одвратно. Осло е како село. Можете да стигнете од едниот до другиот крај на градот за 30 минути. Пробајте го тоа во Њујорк или Париз“, продолжил тој, осврнувајќи се на културата.
„Култура? Не знам. Ако не мора некаде да чекате во ред по неколку часа, дали тоа воопшто вреди да се види?“, вели Норвежанецот, алудирајќи на тоа дека во музеите и галериите воопшто нема гужва.
„Сè е премногу едноставно и пристапно за еден град. Зарем не треба да биде малку покомплицирано?“, додал тој.
Потоа се снимал во ресторан и рекол:
„Понекогаш само влегувам и нарачувам, а притоа не сум славна личност. Мислам, што ви кажува тоа?“.
„Овој град е како добра љубовна врска. Не треба да биде лесно“, заклучил Халфдан.
Халфдан, имено, укажал на многубројните атракции на Осло, окарактеризирајќи ги како недостатоци и велејќи дека градот е целосно „без врска“. Сепак, се чини дека на многу луѓе им се допаднало видеото објавено на ТикТок, кое за пет дена собра 1,4 милиони прегледи и предизвика многу коментари.
„Сега сакам да го посетам Осло“, „Ова е веројатно најдобрата туристичка реклама која некогаш сум ја видел“, „Сега сум заинтересиран. Ајде да го посетиме Осло“, „Тоа е тоа, резервирам лет“, „Сега сите сакаме да одиме во Осло“, се дел од коментарите под видеото.