„Не ми се случило да пропуштам збор, а тој знае да се удри во ѕид и да паѓа од сцена“, Америка се подготвува за ТВ дебатата на најстарите кандидати за претседател во историјата

Точка

26/06/2024

22:18

2.050

Големина на фонт

а а а

За Џо Бајден и Доналд Трамп, двајцата најстари претседателски кандидати во американската историја, годините се неизбежно изборно прашање.

Утре на 27 јуни, актуелниот претседател, 81-годишниот кандидат на Демократската партија и неговиот три и пол години помлад републикански ривал ќе се соочат во Атланта, Џорџија, во првата од двете претстојни телевизиски дебати во очи на претстојните избори за претседател на САД во ноември.

Би-Би-Си наведува дека тоа ќе биде можност за гласачите во Америка да ја видат менталната и физичката сила на двајцата кандидати.


Во текот на 90-те минути пред камерите, Бајден и Трамп, за кои анкетите покажуваат дека имаат подеднаква поддршка од гласачите, ќе разговараат за економијата и војните, но и за имиграцијата и иднината на демократијата.

Сепак, енергичниот настап може да претставува проблем за Бајден, најстариот американски претседател, кој се соочува со проблеми со физичка и ментална издржливост од 2020 година, кога го победи Трамп на изборите.

„Не може да се сокрие фактот дека Бајден има 81 година, ниту фактот дека Трамп во суштина е на иста возраст“, рече стратегот Џим Месина, кој раководеше со претседателската кампања на Барак Обама во 2012 година.

„Тоа не е натпревар за возраста, туку за политика. Дебатата во четврток вечер ќе послужи за започнување на дискусија за разликите меѓу нив“, додаде тој.

Анкетите покажуваат дека гласачите се позагрижени за Бајден.

Ако Трамп победи, тој ќе го собори рекордот на Бајден како најстар претседател избран на функцијата.


Анкетата во март на Њујорк тајмс и колеџот Сиена покажа дека 73 отсто од регистрираните гласачи мислат дека Бајден е „престар“ за да биде претседател.

Гласачите од сите возрасни групи рекоа дека се загрижени за способноста на Бајден да ја извршува функцијата, покажа истражувањето.

Околу 42 отсто од луѓето го кажале истото за Трамп, кој е само три и пол години помлад.

Иако докторот од Белата куќа го прогласи Бајден способен да ја извршува функцијата претседател, загриженоста за неговата возраст продолжува.

Знаците на стареење, како што се слаб глас, повремени пропусти во меморијата и „вкочането одење“, што неговиот лекар делумно го припишува на артритис, станаа позабележителни во последниве години.

Видеата од секојдневните дејства на Бајден, како што се спуштањето/качувањето на авионските скали или одење на сцената на јавни настани, внимателно се гледаат на интернет и во конзервативните медиуми.

Кога падна на сцената за време на церемонијата за дипломирани кадети на Академијата на воздухопловните сили минатиот јуни, веста се прошири низ земјата и светот.

Неговиот тим рече дека тој се сопнал преку вреќа со песок на сцената, а Бајден им го повтори тоа на новинарите.

Пред дебатата, Доналд Трамп сугерираше дека неговиот противник би можел да ги надмине очекувањата, велејќи за All-In подкастот на 20 јуни дека претпоставува дека Бајден „ќе биде достоен дебатер“.


„Не сакам да го потценувам“, додаде тој.

Трамп ширеше неосновани тврдења дека неговиот ривал земал лекови за подобрување на меморијата, кои персоналот на Бајден ги опиша како „ужасни лаги“.

Иако за возраста на Трамп не се зборува често, поранешниот претседател исто така се соочи со сомневања за неговата способност да ја извршува најважната функција во земјата.

На предизборниот митинг во јануари, Трамп изгледаше како да се збуни неколку минути за време на неговиот говор, збунувајќи ја републиканската ривалка Ники Хејли со поранешната претседателка на Претставничкиот дом на САД, Ненси Пелоси.

Тој лажно тврдеше дека Хејли била „задолжена за безбедноста“ во времето на нападот на Конгресот на 6 јануари.

Хејли, поранешен претставник на САД во Обединетите нации, се заложи за „тестови за ментална подготвеност“ за политичарите постари од 75 години.

Лекарот на Трамп во ноември објави дека неговата „когнитивна кондиција е исклучителна“.

На митинг во Пенсилванија во саботата, Трамп се пожали на двојните стандарди на медиумите кон него и Бајден.


„Ако пропуштам збор, тие веднаш велат: „Тој е когнитивно оштетен“, а Бајден може да се удира од ѕидови, да паѓа од сцена и по скали“, им рече Трамп на приврзаниците.

Двете страни го обликуваа наративот на другиот претседателски кандидат на социјалните мрежи, споделувајќи видео клипови од вербални гафови, мимики и, во некои случаи, сомнителни монтирани снимки.

Републиканците и нивните сочувствителни медиуми ги засилија нападите врз менталниот капацитет на Бајден, споделувајќи серија монтирани видеа, вклучително и она во кое американскиот претседател наводно скита за време на самитот на Г7, по слетувањето на падобранците.

Сепак, немонтираните снимки покажуваат дека Бајден оди да ги поздрави падобранците кои слетале, пред италијанската премиерка Џорџа Мелони да го покани назад во групата светски лидери.

Неколку дена подоцна, конзервативните критичари споделија видео на интернет од Бајден за време на настан за собирање средства во Лос Анџелес, како стои на сцената се додека Барак Обама не го фатил за рака за да заминат заедно.

Трамп и другите републиканци тврдеа дека тоа е доказ дека Бајден „замрзнал“ и дека му е потребна помош да се симне од сцената.

Соработниците на Бајден го негираа ова, тврдејќи дека Бајден застанал за да чека да заврши аплаузот на толпата.

Поддржувачите на Бајден реагираа на социјалните мрежи, споделувајќи содржини што се чини дека на сличен начин покренуваат прашања за менталната острина на Трамп.

Тие објавија снимка на која се чини дека Трамп се симнува од сцената пред време и дека е пренасочен и помаган од други, како што се поранешниот потпретседател Мајк Пенс и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.

На младите гласачи „не им се допаѓа тоа што го гледаат“

Иако некои од овие видеа лесно се разоткриваат, загриженоста на гласачите за возраста на Бајден останува една од главните теми и неговиот најголем проблем.

Ова е особено важно за помладите гласачи, кои традиционално повеќе ги поддржуваат демократите отколку републиканците на изборите, велат од организацијата.

Гледањето на дебатата може да биде важно искуство за помладите гласачи, рече Аманда Литман, која ја основаше Run For Something, организација која ја обучува и поддржува следната генерација демократски кандидати.


„Сето ова упатува на политички структури кои и овозможуваат на привилегираната постара генерација да остане на власт.

„Тоа е една од многуте причини зошто, особено помладите гласачи, се чувствуваат неангажирани. Тие не се гледаат себеси во лидерство“, рече Литман, мислејќи на возраста на кандидатите.

Во четврток вечер, милиони луѓе внимателно ќе ја следат дебатата, не само за да ги слушнат програмите, идеите и аргументите на кандидатите, туку и да ја проценат нивната издржливост и способност да влезат во Белата куќа.

За Бајден е од исклучителна важност да ги смири стравовите за сопствената возраст, објаснува стратегот Литман.

Мислам дека треба да покаже подготвеност и самодоверба“.

„И малку борбеност“, додаде таа.




Спонзорирани линкови

Маркетинг