Телефонски разговор на американскиот и рускиот министер за одбрана

Нетпрес

26/06/2024

08:02

2.591

Големина на фонт

а а а

Американскиот министер за одбрана Лојд Остин телефонски разговараше со својот руски колега по должност Андреј Белоусов, кој стапи на должноста минатиот месец, изјави на редовниот брифинг во Пентагон доцна во вторникот портпаролот Патрик Рајдер.

„Остин разговараше телефонски со рускиот министер за одбрана Белоусов. Во текот на разговорот министерот ја истакна важноста од одржување на линиите за комуникација во контекстот на продолжената агресија на Русија против Украина“, изјавил Рајдер.

Според него, разговорот се одржал по иницијатива на американската страна, потсетувајќи дека последниот разговор на американскиот и тогашниот руски министер за одбрана Сергеј Шојгу се одржал на 15-ти март 2023 година.

Покрај тоа, Рајдер одговорил на темата за евентуално испраќање американски војници во Украина, истакнувајќи дека Вашингтон не планира да го направи тоа „ниту сега, ниту во иднина“.

Претходно во вторникот американската телевизиска мрежа CNN, повикувајќи се на неименувани функционери, објави дека Белата куќа работи на укинување на дефакто забраната за разместување на кадар под договор во Украина. Беше појаснето дека претседателот Џо Бајден сѐ уште не ја донел таквата одлука, но доколку биде донесена, таа може да биде реализирана веќе оваа година. Според соговорниците на телевизијата, тие се надеваат дека тие подизведувачи ќе помогнат за забрзување на поправката и одржување на опремата што ја користат Вооружените сили на Украина, од западно главно американско производство.

Подоцна доцна ноќта кон средата руското Министерство за одбрана во соопштение за медиумите го потврди телефонскиот разговор меѓу Белоусов и Остин. Притоа се прецизира дека биле „разменети мислења за ситуацијата во врска“ со Украина.

„А.Р. Белоусов укажа на опасноста од натамошната ескалација на ситуацијата во врска со тековните испораки со американско вооружување со долг дострел на Украина“, се наведува во руското соопштение објавено на платформата Telegram.

Разговорот меѓу шефовите на одбранбените ресори на САД и Русија, на барање на Вашингтон, доаѓа откако украинските сили неодамна со ракетите ATACMS од американско производство со полнење со касетна муниција беше гаѓан Севастопол, кој историски има руска екстериторијалност на црноморскиот полуостров Крим.

Според руското Министерство за одбрана, украинската војска во неделата истрелала пет ракети ATACMS, испорачани од САД, врз Севастопол. Руските системи за противвоздушна одбрана уништиле четири проектили во воздух, но петтиот бил оштетен, излетал од курсот и ја детонирал својата касетна боева глава над преполна плажа, убивајќи пет цивили и ранувајќи повеќе од 150. Тројца од убиените се деца.

Кремљ го опиша нападот како акт на „тероризам“ и тврди дека САД имаат еднаква одговорност за смртните случаи.



Спонзорирани линкови

Маркетинг