Ова се фаворитите за клучните функции во ЕУ: Половина се под истрага од обвинителството, една е поврзана со избришани пораки од шефот на „Pfizer“

Точка

17/06/2024

19:35

1.833

Големина на фонт

а а а

Лидерите на земјите членки на Европската унија денеска се состануваат во Брисел за да разговараат за тоа кои четири луѓе ќе ги вршат клучните функции во ЕУ, а половина од водечките кандидати се наоѓаат под истрага од правосудните органи.

„Politico“ порано објави дека фаворити во оваа трка за најважните места во институциите на Брисел се Урсула фон дер Лајен, која е видена да остане претседателка на Европската комисија, поранешниот португалски премиер Антонио Кошта кој би требало да го наследи Шарл Мишел како претседател на Европскиот совет, а тука се Малтежанката Роберта Мекола која би требало да остане претседавач на Европскиот парламент и естонската премиерка Каја Калас која е најавена како наследничка на Жозеп Борел, шеф на дипломатијата на ЕУ.

Бриселскиот сајт наведува дека факторите кои влијаат на тоа кој треба да ги врши овие функции се географска различност (пример кандидат од Балтикот, западна и јужна Европа), родна рамнотежа и политичка припадност.

„Politico“ додава дека, меѓутоа, не постојат јасни насоки во поглед на правните проблеми со кои се соочуваат потенцијалните кандидати.


Се наведува дека меѓу двајцата фаворити за главните функции во ЕУ, а тоа се водењето на Европската комисија и Европскиот совет, постои една сличност, а тоа е дека и Фон Дер Лајен и Кошта моментално се под истрага на обвинителите.

Фон Дер Лајен сè уште не е ослободена од обвиненијата врзани за „Фајзергејт“, скандалот кој изби по нејзиното одбивање во јавноста да ги покаже пораките на мобилниот телефон кои ги разменувала со Алберт Бурла, извршен директор на фармацевтската компанија „Pfizer“.

Скандалот своевремено го разоткри „New York Times“ кој објави дека Фон Дер Лајен и Бурла тие пораки ги разменувале пред најголемиот договор за набавка на вакцини против коронавирус кој ЕУ во екот на пандемијата го направи токму со американскиот гигант „Pfizer“.


Весникот поднесе тужба против Европската комисија поради нејзиното одбивање да ги достави тие СМС пораки до Европскиот суд за правда.

Истрагата во случајот Фон Дер Лајен последните месеци ја презема канцеларијата на Европскиот јавен обвинител и тоа на основа на друга тужба која против претседателката на ЕК ја поднел Фредерик Балдан.

Овој белгиски лобист, кој ги застапува интересите на кинеските компании, ја обвинил за мешање во јавни функции, уништување на СМС пораки, корупција и судир на интереси.

Првото рочиште во овој судски процес е одложено за декември оваа година.


Ова инаку не е прв пат Фон Дер Лајен да се најде во проблем поради СМС пораки откако пред Брисел, додека била германска министерка за одбрана, била под истрага на Бундестагот поради неправилности во договор со кој нејзиното министерство доделувало консултанти.

Кога германските пратеници побарале увид на нејзините официјални мобилни телефони во рамките на истрагата за контактите кои ги имала со тимот на консултанти, било утврдено дека податоците во телефоните се избришани.

Поранешниот португалски премиер Кошта дефинитивно е фаворит за нов претседател на Европскиот совет, но Политико наведува дека има такви во Брисел кои се скептични во врска со тоа дали е тој најдобар човек за функцијата.

Се наведува дека тој е омилен меѓу шефовите на државите и владите на земјите на ЕУ и дека се докажал како вешт преговарач, што е особина која е неопходна кога доаѓа до блокади во Европскиот совет со спротивставени мислења.

Сепак, Кошта и натаму е под истрага на правосудните органи на Португалија.


Против него официјално не е поднесено обвинение за ниедно кривично дело, но истрага се води околу трговијата со интерес поради која морал минатиот ноември да поднесе оставка на местото шеф на владата.

Деталите од истрагата се држат во јавност, а Кошта демантирал дека направил било што незаконско.

На Јункер не му пречела истрагата за успешно да го заврши мандатот

„Politico“ нагласува дека правните проблеми не му пречеле на Жан-Клод Јункер, некогашен претседател на ЕК, успешно да го заврши мандатот, иако бил под голем притисок поради големите даночни олеснувања кои ги давал на големи компании додека бил премиер на Луксембург.

Истрагата е започната поради обвиненијата дека во 2003-та година неговата влада одобрила намалување на данокот за „Amazon“ кое било толку великодушно што би можело да се смета за незаконска државна помош за таа компанија.




Спонзорирани линкови

Маркетинг