[ФОТО] Очајни условите во Студентскиот дом „Стив Наумов", Црвена младина бара итно реновирање

Точка

16/06/2024

16:18

4.645

Големина на фонт

а а а

- Условите во Студентскиот дом ,,Стив Наумов" се влошија до тој степен што ваквиот ужас нè поттикна да се запрашаме дали студентите кои престојуваат таму се сметаат за дел од иднината на Македонија - истакна раководителот на Црвена младина, Петар Здравевски.

Здравевски додаде дека СД ,,Стив Наумов" е тотално занемарен од страна на Управата и дека потребата за реновирање е очигледна веќе подолг период, но лажни се ветувањата од повеќе влади за подобрување на условите.

- „Стив Наумов" се состои од три згради, при што првата и втората зграда се затворени уште во 2019 година со образложение дека се реновираат. И покрај уверувањата, овие згради остануваат недопрени и се во распаѓање.


Во 2022 година Министерството за образование и наука најави проект за реновирање, вреден 20 милиони евра, финансиран од Германската банка за развој. Сепак, на половина од 2024 година, ниту една фаза од овој проект не е започнат, а студентите се оставени без соодветното сместување што го заслужуваат - образложи Здравевски.

Третата зграда во којашто студентите моментално престојуваат е запуштена.


- Проблемите со греењето и ужасните услови во тоалетите, наликуваат на сцени од хорор - филм. И покрај прекинатото обезбедување на појадок на почетокот на академската 2023/24 година, цените на киријата останаа непроменети. Обезбедените оброци не ги задоволуваат основните барања за исхрана, оставајќи ги студентите неухранети и незадоволни - потенцираше Здравевски.

Од Црвена младина го посочија и неодамнешниот скандал со занемарување на одржувањето на студентскиот комплекс, што резултира со обрасната трева и упад на змии.


- Во функционална земја, ваквите прашања ќе беа брзо решени, но, за жал, маката на студентите во Студентскиот дом ,,Стив Наумов" продолжува. Оттука, Црвена Младина како единствен политички претставник на обесправените студенти во Македонија, бара итна акција од надлежните институции за санирање на овие состојби. Студентите од Македонија заслужуваат безбедна, здрава, квалитетна и санитарна средина во која ќе го продолжат своето образование - апелираат од Црвена младина.

Условите во Студентскиот дом ,,Стив Наумов" се влошени до тој степен што ваквиот ужас поттикнува да се запрашаме дали студентите кои престојуваат таму се сметаат за дел од иднината на Македонија.

Posted by Левица on Saturday 15 June 2024




Спонзорирани линкови

Маркетинг