Врвни резултати на македонските млади музичари на меѓународниот натпревар “Тартини”

Точка

03/06/2024

16:01

1.730

Големина на фонт

а а а

На меѓународниот натпревар " Тартини", кој од 31.05 до 02.06 по четврти пат беше реализиран во Пиран, Р. Словенија, во чест и слава на виртуозот по виолина и композитор Џузепе Тартини, младите и талентирани музичари: Антица Николоска V одд, Ана Кузманоска VII одд, Виктор Србиноски VII одд и Лина Николеска IX одд ,беа единствените натпреварувачи од Р. Македонија.

Во силна конкуренција на учесници од 21 држава од светот, постигнаа врвни резултати во соло дисциплина и камерна музика.


Клавирското трио составено од две виолини и пијано, во состав: Лина Николеска од класата на проф. Христина Пецакоска Николеска, Антица Николоска и Ана Кузманоска, освои висока втора награда на престижниот музички натпревар. Овие талентирани музичарки покажаа извонредна умешност и музичка чувствителност, што беше препознаено и од страна на стручната комисија. Нивниот успех е резултат на посветената работа и љубов кон музиката, а оваа награда е само почеток на нивниот блескав пат во светот на класичната музика.


Младата виолинистка Антица Николоска постигна забележителен успех, освојувајќи ја втората награда на овој натпревар. Под менторство на професорот Мухамед Бајрам, Антица се истакна меѓу учесници од 21 земја, покажувајќи извонредна техничка умешност и музичка изразност. Оваа награда претставува значајна точка во нејзината музичка кариера.

Извонредниот виолинист Виктор Србиноски, под менторство на проф. Елица Рашкова, освои прва награда на истиот натпревар. Виктор се истакна со својата виртуозност и музичка зрелост, што му донесе заслужена прва награда меѓу големата конкуренција.


Пијанистката Ана Кузманоска под менторство на проф. м-р Ана Ѓорѓиоска, со впечатлив настап го импресионираше реномираното интернационално жири составено од еминентни професори од Русија, Шпанија, Австрија и Србија. Во голема конкуренција на учесници, Ана освои висока втора награда, со која повторно го докажа својот импресивен музички талент.

Овие успеси на младите музичари се голема инспирација и гордост за нашата музичка сцена.



Спонзорирани линкови

Маркетинг