Кристина Паскоска за нејзината експедиција низ сите 1.645 македонски села: „Македонија е земјата во која сум родена, која ја љубам со сета душа и срце и за мене не постои поубава земја на светов“

Точка

29/04/2024

21:12

16.402

Големина на фонт

а а а

Кристина Паскоска е дипломиран етнолог и антрополог, вљубеник во природата и животните, танцот и музиката – позната како Кристина Мекам. Оваа млада девојка има интересна пасија, а тоа е проучувањето и истражувањето на македонската природа, култура и традиција.

На својот блог и Фејсбук-профил Мекам.мк постојано објавува научни студии, документарни филмови и авторски фотографии.

Таа е иницијатор и член на управниот одбор на Меѓународниот фестивал на етнографски филм „ЕТНОФФ“ во Скопје чие јубилејно 10 издание ќе се случи годинава.


Неодамна, во рамки на првото издание на „Драчевски фештивал“ (Фестивал на култура, забава, знаења и пријателства), придонесе и со своја изложба на фотографии насловена „Драчево: Некогаш и сега“.

На почетокот на годинава Паскоска го најави својот најголем проект досега, претстојната експедиција за да ги фотографира и документира сите 1.645 македонски села, па тоа беше причина да направиме интервју со неа.

Кристина, здраво. Која е всушност Мекам? Нејзината мисија, порака, страст … Исто така, која е твојата мотивација и поттик да се занимаваш со зачувувањето на македонската историја?

Кристина Коларовска Паскоска, дете од деведесеттите години со широк светоглед и зачувани вредности. Мајка и сопруга, хардкор романтичар со смисла за софистициран хумор и „етно-гурманологија“, арт во душа човек.


Македонија е земјата во која сум родена, која ја љубам со сета душа и срце и за мене не постои поубава земја на светов. Вистински мозаик од природа, народи, религија, народни обичаи, музика, танци, уметност, просвета, фолклор, и итн., како дел од богато развиеното културно нематеријално и материјално богатство. Нешто што вреди да се штити, да се чува, одржува и на вистински начин да се сака. Во неа се исткаени планини, чист воздух-полни гради свежина, реки, извори, природни езера, развиен биодиверзитет, извезани ливади со разнобојни мириси и цветови. Плодна земја, развиено земјоделство, сточарство, полјоделство, хортикултура. Сè е таму каде што треба да биде. Е токму сето ова што го наброив е мојата мотивација и поттик, не само да ја зачувам македонската историја, туку и македонската етнологија, антропологија, археологија и сите останати сесродни дисциплини при проучување на Македонија.


Раскажи повеќе за твојата експедиција, дали веќе е во тек нејзиното детално планирање? Од каде би ја започнала, кога и колку би траела истата?


Веќе неколку месеци работам, читам и истражувам за претстојната експедиција. Како прва дестинација, ја одбрав прекрасната и архаична етнографска целина Преспа. Преспа вклучува 46 села во македонскиот дел, 22 села во грчкиот и 9 села во албанскиот дел односно Мала Преспа. За ова духовно патешествие предвидени ми се околу два месеци престој во веќеспоменатата дестинација. За оваа благородна мисија, ќе ми бидат потребни финансиски средства, па секој што е од овој предел и се чувствува подготвен но и сака да ја поддржи мојата работа, дали тоа ќе биде како компензација со сместување, превоз (гориво), храна како и во публикување на трудот, е повеќе од добредојден.



1.645 села, 1.645 приказни … Секоја со својата убавина, болка, таинственост. На кој начин би се одвивало твоето истражување? Што би сакала да осознаеш, а подоцна и пренесеш со нивното дигитализирање?

Тоа што сакам да го осознаам е животот на селото, некогаш и сега. Би сакала да направам компарација, преку стари фото албуми и денешното време. Селата ќе бидат документирани преку фотографија и дрон, но и предвидени се и документарни филмови.


Дали во оваа експедиција ќе имаш директен контакт и комуникација со тамошните жители и доколку да, со оглед на тоа што веќе многу села се во изумирање – како би ги добила информациите за нив?

Истражувањето ќе се одвива преку разговори со соговорници, а онаму каде што нема човечко сведоштво, ќе оди преку социјалните мрежи. Сите животни приказни на соговорниците ќе бидат документирани преку диктафон, аудио рекордер, видеоснимка, но и во пишана форма, забелешки, а сето тоа, при пишување на трудот ќе биде и поткрепено со научна студија, методологија и анализа.

Читајќи повеќе за тебе, во едно интервју кажуваш како во овие патешествија ја пронајде својата терапија за паничните напади. Знаеме дека менталното здравје денес е една од најзастапените теми. Би сакала ли да го споделиш овој дел од себе, како инспирација дека во сите нас постои одреден двигател кој ни покажува дека границите не постојат?


Сметам дека сите состојби на менталното здравје се создаваат од презаситеност и прангите од општеството. Кога би не оставиле да бидеме, тоа што сме се создале, дел од природата и кога не би не терале да одиме против неа, т.е против себеси полесно би се справувале во животот. Токму поради таа презаситеност, контрола па и некаква постојана потреба од валидација во општеството минуваме низ панични напади, анксиозности и останати категории на ментални состојби. Бидејќи сепак сме луѓе и поаѓаме од примордијалните корени на човештвото. Кога за првпат се соочив со себеси, и почнав се повеќе гласно да си ја искажувам идејата, правата и мислењата, се ослободив и од прангите, ги соблеков оковите од наметнатото и почнав да дишам, а патувањата дополнително ми помогнаа да се справам. Лекот е што повеќе во природа и гласно битисување во просторот.

Што би им препорачала на младите луѓе кои сè уште не се запознаени со природните убавини на нашата земја?

Да си ја љубат својата земја, да истражуваат за неа и сè повеќе да ги одгатнуваат нејзините тајни богатства, бидејќи поубаво нешто нема од духовното оплеменување.


За крај, предложи ни три села кои несомнено треба да се најдат на нашата мапа, што би можеле таму да видиме, дегустираме и што е она, што по тебе ги прави посебни токму нив?

1. Село Ратево, кое се наоѓа во етнографската целина Малешевија, на само седум километри од градот Берово во непосредна близина на Беровското езеро. Селото се одликува со бујна природа и богато развиено материјално и нематеријално културно наследство. Во него царува народната религија, препознатливо е по изведувањето на обредот под маски Ратевски Бамбурци во екот на празникот Јован ден или Женски Водици на дваесетти јануари. Во непосредна близина се наоѓа етно-ресторанот Бачило, изграден во духот на традиционалните етноелементи од Малешевијата, нуди вкусен асортиман на напитоци, традиционална и современа кујна.



2. Село Белица се наоѓа во етнографската целина Поречие, во Општина Македонски Брод. Вткаено меѓу вонсериската убавина на планините Караџица и Даутица. Низ селото тече реката Белица, притока на реката Треска која претставува заштитен споменик на природата. Покрај реката се изградени и ресторани со рибници, каде можете да ги вкусните врвните специјалитети на пастрмка. Ги предложувам Чифлик и Белица, во двата сум била, извонредни се. Моја препорака е да одите преку природниот резерват Јасен. Неверојатна вонземска убавина, која нуди пејзажна панорама. Доколку имате прилика, не пропуштајте. Освен тоа, нешто што верувам ќе им се допадне на авантуристите - патот натаму е вистински ролекостер, па доколку ви е потребна дополнителна доза адреналин, знаете каде да се упатите.


3. Село Долно Дупени се наоѓа во низата на села, кои ѝ припаѓаат на Брсјачката етнографска целина – Долна Преспа. Селото Долно Дупени се одликува со многубројни знаменитости со голема важност, а имено, споменикот на НОБ, О.У. „Димитар Влахов“ каде што се учи до четврто одделение, куќите од камен кои ве оставаат без здив, локалитетот Маркова нога на самата граница со Р. Грција. На неколку метри наназад од локалитетот се наоѓа и истоимениот ресторан Маркова Нога, а нешто пред, се наоѓа и етно – ресторанот Преспанско Сонце каде што можете да го запознаете вкусот и културата на Преспа преку деликатесите и традиционалната трпеза, едноставно нема да ве остават рамнодушни, и еднаш кога ќе отидете повторно ќе се вратите.



Симона Коцевска

Фото: Мекам.мк ; Никола Коларовски

Мотивирани од иницијативата „Да направиме место за вистински да се поврземе“ на Македонски Телеком, во рубриката „Добри вести“ на Точка ќе споделуваме приказни кои го осветлуваат позитивното, надежното и инспиративното. Да #НаправимеМесто за посветло утре, за повеќе разбирање, емпатија и блискост.