Тарантино открил кој филм предизвикал траума кај него кога бил дете: „Да бев поподготвен за тоа што ќе го видам...“

Точка

27/05/2024

16:39

3.088

Големина на фонт

а а а

Режисерот Квентин Тарантино во текот на кариерата снимил бројни филмови кои ги воодушевиле и критичарите и публиката, но постои еден филм којшто него го шокирал и му предизвикал траума додека бил дете.

Можеби многумина би претпоставиле дека станува збор за некој хорор-филм, но на познатиот режисер влијание имал еден анимиран класик од „Дизни“.

Како што пренесува „Far Out Magazine“, Тарантино во детството имал траума од филмот за „Бамби“ од 1942 година.


Ова воопшто не изненадува со оглед на одредени сцени од остварувањето.

„Бамби која се раздвои од мајка ѝ, ловецот којшто ја уби нејзината мајка и оној ужасен шумски пожар ме вознемирија повеќе отколку кој друг филм којшто сум го гледал. Беше како да гледам апокалипса од перспектива на животните“, истакнал режисерот во својата книга „Cinema Speculation“.

Тој додал дека овој филм ги трауматизира децата со децении.

„Но, мислам дека, дури и повеќе од психолошката динамика на дејството, неочекуваниот пресврт во филмот е тоа што предизвика толкав шок кај мене“, изјавил режисерот, пренесува „Far Out“.

Тарантино истакнал дека проблемот бил во начинот на којшто филмот се претставувал во рекламите.


„ТВ-рекламите не ја истакнаа вистинската природа на филмот. Напротив, се насочија кон лудориите на симпатичното Бамби и неговите пријатели. Ништо не ме подготви за развојот на емотивните настани. Да бев поподготвен за она што ќе го видам, тоа поразлично би влијаело на мене“, заклучил Тарантино.