Скопјанката Мирјана Митревска која на три години била посвоена, ја добила првата пресуда против државата во Стразбур затоа што не можела да ги дознае информациите за своето потекло и медицинска историја.
Во разговор за „Радио Слободна Европа“, Мирјана вели:
„Отсекогаш се сомневав дека сум посвоена. Потајно посакував тоа да не е вистина, го потиснував во себе. Се борев со самата себе бидејќи не сакав да ги повредам моите родители (луѓето кои ме посвоија). Кога одлучив гласно да прашам која сум и од каде сум наидов на револт од посвоителите. Тие не сакаа или не знаеја ништо да ми кажат. Ми рекоа дека сум посвоена и толку. Иако бев и мајка и жена, толку многу ме погоди тоа. Од целиот тој стрес доживеав мозочен удар, како целиот живот да ми беше лага“.
Вчера, Европскиот суд за човекови права во Стразбур објавил пресуда во корист на оваа жена. Од таму констатирале дека државата го повредила членот 8 од Европската конвенција за заштита на човекови права со кој се гарантира право на почитување на приватен и семеен живот.
Воедно, ова е прва пресуда против Македонија за случај којшто е поврзан со правата на посвоените лица да го знаат своето минато.
Мирјана за „Радио Слободна Европа“ вели дека сака да ја знае вистината поради медицинската историја:
„Многу млада имав мозочен удар и каде и да појдам ме прашуваат дали имало некој друг во фамилијата со таков случај. Но, сакам да ја знам вистината и заради моите деца, за да не дојде до инцест.
Желбата да ја дознаам вистината отсекогаш постоеше, но не беше толку силна бидејќи имав љубов од посвоителите, а тоа го посакува секое дете, да расте со љубов. Желбата ми се зголеми кога го родив мојот син и помислив колку би требало да биде јака причината да се остави свое дете. Тогаш потајно почнав да барам“.
Пред да биде посвоена на тригодишна возраст, Мирјана се водела под поранешниот дом за деца и младинци „25 мај“ во Скопје, а ја чувало згрижувачко семејство.
„Имав осуди од околината и од роднините, само затоа што ја барав вистината. Но, со некои луѓе кои ги најдов во групите за посвоени деца одев по трнлив пат. Доаѓав до разни приказни и тоа многу ме болеше“, изјавила Мирјана.
Адвокатката на Мирјана, Павлина Зефиќ очекува позитивен исход од случајот:
„На тие случаи се повикавме и ние во нашата жалба. Судот во Стразбур го проблематизира членот 123-а од Законот за семејство па верувам дека во иднина проблемите на посвоените деца ќе треба да се решаваат преку системско менување и дополнување на Законот за семејство. Во меѓувреме домашните органи и судови можат во ваков вид на случаи директно да ја применуваат праксата на судот со цел да не се случуваат повреди на правата од Конвенцијата во иднина“