По 4 години бегство Агим Красниќи е уапсен во Косово заедно со уште тројца македонски државјани

Нетпрес

05/05/2024

17:05

5.287

Големина на фонт

а а а

Во Урошевац, соседно Косово денеска се уапсени четворица државјани на Македонија, тројца поради пукање, а еден бил баран со потерница.

Телма дознава дека станува збор за следниве лица, Бесим Красниќи, Агим Красниќи и Сеад Рамадани Цапи кои се сега во притвор.

Како што соопшти косовската полиција, три лица се уапсени за „убиство во обид и учество во тепање“, а едно било барано со меѓународна потерница.

Според полицијата, првите три лица учествувале во тепачка што се случила на 17 октомври минатата година во Урошевац, каде имало и пукање.

Полициски единици вчера околу полноќ запреле „ауди“ со македонски регистарски ознаки во Урошевац, при што при контрола и преглед на автомобилот биле пронајдени три пиштоли и одредена количина муниција.


Тројца од четворицата приведени поседувале лажни документи за идентификација, соопшти полицијата.

- По сослушувањето на регионалните истражители, државниот обвинител одлучил на осомничените да им одреди притвор до 48 часа за други истражни дејствија и други постапки за екстрадиција на лице кое се бара со меѓународна потерница, се вели во соопштението, пренесува Телма.

Инаку, Агим Красниќи, е осуденикот познат по тоа што подготвуваше напад на Скопје, кој избега од затворот во Штип по викенд отсуството и официјално во сите надлежни институции од 2020 година се води како бегалец.

Красниќи има единствена казна затвор од 15 години донесена во 2008 година. Тој е обвинет за злосторничко здружување и поседување оружје и други кривични дела. Во 2005 година во село Кондово со својата група подготвувал напад на Скопје.

Заканите на неговата група облечена во воени униформи и вооружена со автоматски пушки, снајпер, зољи и ракетни фрлачи беше оценета како терористичка опасност за главниот град.



Спонзорирани линкови

Маркетинг