„Јас сум вистински Русин, не Совет“ – Цезар против Цар – како фитнес тренерот од родниот град на Путин создаде анти-путиновска војска

Точка

17/04/2024

22:00

5.748

Големина на фонт

а а а

Цезар, командантот на Легијата „Слобода за Русија“, вели дека е руски христијански војник кој сака да го сруши од власт претседателот Владимир Путин.

„Кога ќе имаме доволно трупи, ќе ослободиме една цела руска федерална област. Ќе основаме влада … Бунтот ќе се засилува и ќе продолжиме понатаму по другите области пред да тргнеме на Москва“, порачал тој во интервју за „Politico“.

Бриселскиот сајт наведува дека „Цезар има порака за царот“, мислејќи на Путин.

„Јас сум православен христијанин и вистински руски маж, а не Совет, кој не може само да седи и да гледа што се случува во оваа криминална војна во Украина и да не направи ништо. Морав да застанам на страната на украинскиот народ“, рекол Цезар, чие вистинско име, според податоците достапни на интернет е Максимилијан Андроников и има 50 години.


„Politico“ наведува дека овој поранешен фитнес тренер од Санкт Петербург, инаку и роден град на Путин, кој е татко на четири деца, е подготвен за долга борба која ќе се прошири многу подалеку од војната која беснее во Украина.

„Ако останам жив, ќе се вратам во својата татковина со оружје во раце за да го срушам режимот на Путин“, вели Цезар.

„Policito“ наведува дека овој командат е скромен и неговиот проект е долгорочен.


Цезар веќе има тимови од саботери внатре во Русија кои се трудат да направат хаос кога е тоа можно, иако тој негира дека имале каква било врска со минатогодишниот бомбашки напад во кој во 2022-ра година загина Дарија Дугина, ќерка на Александар Дугин, идеолог и миленик на Владимир Путин.

„Тоа едноставно не е нашата цел“, тврди тој.


Се наведува дека легијата „Слобода за Русија“ е една од три руски паравоени формации кои му се спротивставуваат на Кремљ и кои се борат на страната на Украина.

Покрај неа тука се и Сибирскиот баталјон и Рускиот доброволен корпус на чие чело се наоѓа Денис Капустин, кој германските власти го означиле како еден од највлијателните неонацистички активисти во Европа.

Цезар интервјуто за „Politico“ го дал во хотел во центарот на украинската престолнина Киев.

„Ние не сме Пригожин“, порачал Цезар, мислејќи на покојниот лидер на Вагнер чиј бунт против Путин беше брзо сопрен минатиот јуни.


Цезар за себе и припадниците на Легијата Слобода за Русија рекол дека не се авантуристи.

„Ние сме политички војници. Ние точно знаеме кои ни се целите. Ние до победа ќе стигнеме чекор по чекор. Нема да биде набрзо, оваа година. Можеби нема да биде ни следната. Но тоа е само прашање на време“, рекол тој.

Цезар признал дека и самиот има ултрадесничарски корени и дека пред 15 години пристапил кон Руското царско движење на бели расисти, кое САД го означиле како терористичка организација.


Тој рекол дека кон движењето се приклучил за да стекне воена обука.

„Во движењето имаше некои многу добри руски офицери од специјалните сили и научив нешто за војувањето пред да се приклучам кон легијата. И натаму сум ултрадесничар, но не сум луд неонацист ниту националсоцијалист или нешто слично. Јас сум руски патриот, но ги разбирам Татарите и Дагестанците и Чеченците. И тие би сакале да бидат господари на својата земја и така и треба да биде“, навел Цезар.




Спонзорирани линкови

Маркетинг